Во амфитеатарот на Младинскиот парк во Велес вечерва се одржа прослава по повод поканата за членство на Република Македонија во НАТО.
На прославата присуствуваше и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Изјави дека му е мило што е во својот роден град и оти народот излегол да ја поздрави политиката на Владата-државата да се отвори кон Европа и светот за, како што рече, конечно да стане член на семејството каде што припаѓаме, а тоа е семејството на НАТО и ЕУ.
– Овие чекори што ги прави Владата се исклучително важни за целата држава и драго ми е што денес го гледам народот што тоа масовно го прифатил и имаме зошто да славиме. Не само затоа што со влезот во НАТО ќе се обезбеди поголема безбедност за државата и граѓаните, туку ќе се обезбедат и поголеми перспективи. НАТО не значи само безбедност, значи сигурност и инвеститори, економија и подобар живот. Искуствата од соседните земји кои станаа членки на НАТО и ЕУ покажуваат дека има големо влијание врз економскиот живот на државата – рече Анѓушев.
Тој потсети дека малите и средни претпријатија добиваат поголем пазар и добиваат исти услови, стануваат дел на конкурентниот пазар на Европа и поволности што ги нудат европските фондови и грантови.
– Сведоци сме дека во последно време сите меѓународни институции се благонаклонети кон Македонија и тие сакаат да и помогнат на државата и Владата, а преку тоа и на граѓаните на Македонија. Интензивно се подготвуваат проекти во делот на Коридорот 8, на пречистителни станици, водоводи и канализации. Се разбира Македонија не може преку ноќ тоа да го достигне, меѓутоа време беше еднаш да тргнеме по тој пат по 25 години чекање и тапкање во место. Конечно да тргнеме на патот на интеграција во ЕУ и НАТО, а тоа практично значи да го достигнеме и квалитетот на живот на тие земји-рече Анѓушев.
Македонија, како што рече, не заслужува да биде последната „црна дупка“ на Балканот и Македонија ќе го фати чекорот, а ние како Влада ќе работиме посветено да обезбедиме подобар живот на граѓаните.
На прославата во Велес настапија Ферус Мустафов и Слаткаристика