И покрај тоа што имаат спротивставени ставови за договорот со Грција, професорот Владимир Божиновски и поранешниот пратеник од СДСМ Сафет Бишевац во денешната „Само вистина“ на Канал 5 се согласија дека референдумот не треба да се бојкотира и секој граѓанин треба да го даде својот глас за тој да добие легитимитет.
– Референдумот мора да биде регуларен и фер за да добие легитимитет. Сите политички субјекти би требало да си подадат рака, да постигнат консензус, да им објаснат на граѓаните и на крај да ги прифатат резултатите. Секој граѓанин треба да го даде својот глас – рече Божиновски.
Тој смета дека е прерано за славењето што утре го организира власта и вели дека тоа би имало смисла само кога референдумот би бил веќе поминат и успешен.
– Нема суштинска разлика во заклучоците на НАТО од сега во однос на тоа што се случуваше во 2008 година – смета Божиновски.
Бишевац не се согласува со него и посочи дека сите западни лидери, сите светски релевантни медиуми, дури и руското МНР констатирале дека Македонија добила покана за НАТО.
– Мицковски и ВМРО-ДМПНЕ се обидуваат на мала врата да избоксуваат некои работи и да ги спасат водачите од претходната гарнитура. Не ми е логично да се бара сега Пржинска влада и измена на Изборен законик пред референдумот – вели Бишевац.