Во близина на бензинска пумпа на автопатот Куманово-Табановце, полицијата завчера утрото фатела група од 13 мигранти од Ирак, без документи за идентификација, од кои деветмина биле мажи, две жени и две деца. Тие се движеле во правец од Куманово кон патниот премин Табановце. Едно лице кое било дел од групата, наш државјанин и коешто требало да ги смести мигрантите во реонот на село Ваксинце, претходно ги оставило мигрантите и побегнало.
„Со мигрантите е извршен разговор, при што истите изјавиле дека од страна на непознатото лице тие биле транспортирани од јужната граница кон Табановце со патничко моторно возило марка “ауди-А8“. Според нивното кажување непознатото лице им се заканувало и од секој поединечно зел по 3000 евра за да ги спроведе од грчката граница до Белград Р.Србија. Притоа, истиот ги измамил и насилно ги растоварил во близина на бензинска пумпа во правец на Табановце. По превземените оперативни мерки и активности, и извршените проверки констатирано е дека станува збор за лицето Ф.В. (35) од скопско Студеничани“, соопштија од МВР.
Мигрантите како жртви на криумчарење привремено се сместени во Прифатниот центар за странци -Скопје.