Осумдесет домашни микро, мали и средни компании добија грантови во висина од 10,5 милиони евра преку мерките од третиот столб на владиниот план за економски раст. На повикот објавен од Фондот за иновации и технолошки развој се пријавиле 236 компании. Чековите со добиените средства ги врачија премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Ангушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски.
– Компаниите на кои денеска доделуваме грантови се компании кои сакаме да ги видиме извозно ориентирани, успешни во светот, компаниите кои ќе го поддржат економскиот развој, рече Ангушев.
Тој додаде дека големиот број присутни денеска покажува дека Македонија има млади иновативни луѓе.
Премиерот порача дека Владата подеднакво ги помага и домашните и странските компании и оти таа останува нивен партнер и сервис во реализација на нивните планови.
– Ова нека биде позитивен пример кој ќе ги мотивира и другите компании да создаваат квалитетни проекти и да влезат во инвестиции – рече премиерот.
Тој ги повика бизнисмените да имаат доверба во институциите чие функционирање ќе се подобрува и ќе се приближува кон европските стандарди по добивањето на поканата за НАТО.
Директорот на Фондот рече дека со доделувањето на овие средства е важно дека зад секој 1,4 денар инвестиција од државата, приватната компанија инвестира денар. Истакна дека е важно што компаниите инвестираат.
Тој потенцира дека пристигнатите апликации се разгледани за многу краток временски период и дека за 33 дена се донесени одлуки.
– Во тие 33 денови навистина видовме добри проекти. Имаме ИТ компании, но и од други сектори. Шеесет проценти се од Скопје и 40 проценти компании од другите градови како Струмица, Неготино, Прилеп…, рече Деспотовски.
Тој очекува втор инвестициски бран да го реализираат многу брзо и најави нов повик на есен. Ги повика дел од компаниите што аплицираа, а не добиле средства да се јават на новиот повик.