Центарот за развој на медиуми бара сите политички партии да се заложат за итно започнување на реформите во медиумскиот сектор ветени со договорот од Пржино од 2016 година и поставени како барања од Европската комисија во документот Итни реформски приоритети.
Реформите во медиумскиот сектор, велат оттаму, се предуслов за ослободување на медиумите и јавноста во Македонија и за сигурно започнување бескомпромисни евроинтеграциски процеси, како и неопходен квалитет што Македонија треба да го приложи во скрининг процесот што беше најавен како услов за добивање датум за преговори во следната година.
„Прв чекор во започнување на реформите треба да биде итно усвојување на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој во моментов е заглавен во собраниска процедура. Токму затоа од матичната Комисија за транспорт и врски бараме веднаш да го продолжи процесот на прифаќање на Предлог законот и искрено да се стави во функција на итни реформи во медиумскиот систем“, се вели во соопштението од Центарот за развој на медиуми од каде велат дека тоа треба да е само почеток на сеопфатни медиумските реформи.
„На надлежното министерство му предлагаме веднаш да формира група составена од експерти и претставници на медиумските организации, која ќе работи на стратегијата што ќе ги утврди насоките, мерките и активностите за спроведување на реформите“, се вели во соопштението од Центар за развој на медиуми и група експерти за медиумски политики.