Заев: Можна е лидерска, ако не се договорат работните групи за ДИК

736

Доколку работната група која работи на формирањето на ДИК и подготовката на условите за организирање на референдумот не постигне договор, можно е да биде организирана и лидерска средба, најави денеска премиерот Зоран Заев по потпишувањето на договорот за поддршка на инвестицијата на американски „Теламон“ во земјава.

-Постои опција да се свика лидерска, дали од мене или од лидерите на другите партии. Верувам дека нема да има потреба од тоа – рече Заев.

Премиерот рече дека дебатата во врска со референдумот и сите прашања поврзани со него, меѓу кои и формирањето на ДИК ќе почне кон крајот на овој месец.

– Поставувањето на ДИК нема и не би требало да биде поврзано со организирањето на референдумот. Тоа е логично прашање кое дојде по оставките во ДИК. Овие денови верувам преговарачките тимови да завршат и очекувам да нема услови кои би го попречиле одржувањето на референдумот.Очекувам со лидерот на опозицијата и на другите партии да ги дефинираме сите чекори и процесот за организаирање на референдумот. Очекувам ДИК да се формира брзо – рече Заев.

Во врска со барањата на ВМРО-ДПМНЕ прво да се спроведе законот за Влада по Пржинскиот договор и закон за финансирање на политички партии па формирање на ДИК, Заев рече дека овие прашања се поврзани со парламентарните избори и не би требало да се поставуваат како проблем пред референдумот.

Тој рече дека во престојниот период ќе се дебатира и за датумот на референдумот, референдумското прашање, неговиот карактер.

– Граѓаните имаат право и треба да се изјаснат на референдумот, рече Заев.

На прашањето дали до крајот на годината очекува дека ќе има 80 пратеници кои би ги спровеле уставните измени Заев истакна дека тоа не е цел на владејачкото мнозинство.

– Наша цел не е да обезбедиме 80 пратеници за владачкото монозинство. Наша цел е да се обезбедат 120 пратеници кои ќе го почитуваат мисењето на граѓаните на референдумот – рече Заев.

Тој изрази оптимизам дека изјаснувањето на граѓаните ќе биде позитивно и дека огромно мнозинство ќе ја поддржи иднината на земјата кон ЕУ и НАТО.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...