17 години по злосторството, утре ќе биде погребан Крсто Гоговски, еден од 12-те киднапирани Македонци

2310

По 17 години од киднапирањето и убиството и 14 години по наоѓањето на делови од телата на 12-те киднапирани Македонци во конфликтот во 2001 година, Крсто Гоговски конечно ќе го најде својот мир. Крсто утре ќе биде упокоен на гробиштата во село Непроштено и со тоа ќе биде првиот од 12-те киднапирани Македонци кој ќе биде погребан, потврдија за Плусинфо роднини на Гоговски.

Роднините на киднапираните Македонци од случајот „Непроштено“ 14 години одбиваат да ги подигнат останките на своите блиски од Институтот за судска медицина, бидејќи не се убедени дека станува збор за нивните блиски и оти не сакаат да погребаат само делови од саканите.

Киднапираните Македонци беа пронајдени во масовна гробница кај тетовско Непроштено.

Од Судска медицина во повеќе наврати изјавуваа дека останките се кај нив и дека таму ќе останат сѐ додека некој не ги подигне. И покрај обидите од Судска медицина не успеавме да добиеме потврда кога семејството на Гоговски ги подигнало останките на Крсто.

Неофицијално, семејството Гоговски решило останките на Крсто да ги погребе тукму сега, бидејќи пред половина месец починала сопругата на Крсто.

Роднините на исчезнатите пак, пред неколку години ги оспорија резултатите од ДНК анализата на Судска медицина. Но, од таму се децидни дека во податоците нема место за сомнеж. Судска медицина тогш беше децидна дека нема простор за сомнеж во резултатите, дека анализата е направена и во МАНУ и со 99 проценти точност е потврдено дека коските се на четворица од киндапираните Македонци.

Роднина на еден од киднапираните за Плусинфо потврди дека утре ќе биде погребан Крсто Гоговски. Во известувањето до соселаните е наведено дека Гоговски во 2001 година бил киднапиран и однесен во непознат правец.

– Упокојувањето на посмртните останки на нашиот селски учител Крсто Гоговски ќе се извршат со сите православни и црковни обичаи во црквата свети Архангел со почеток во 11 часот. Ги повикуваме сите роднини и пријатели да му оддадеме достојна почит на Крсо Гоговски, човекот кој засегогаш ќе остане запаметен како човек со големо срце, стои во известувањето.

Пред четири години, односно во 2014 година  во Непроштено е подигнат спомен-парк со споменик во чест на четворицата киднапирани од селото во конфликтот во 2001 година.

На мермерната плочка на споменикот се испишани имињата на Крсто Гоговски, Цветко Михајловски, Васо Михајловски и Стојан Михајловски, кои беа оттргнати од нивните семејства и однесени во непознат правец. И по 17 години од нивното киднапирање, не е позната нивната судбина, како и на уште осуммина други од тетовскиот крај.

Тогаш роднините изјавија „ние немаме гробови за нашите 12 киднапирани. Затоа ќе можеме овде да доаѓаме и да запалиме свеќи, кога не можеме на нивните гробови“.

Случајот „Непроштено“ е еден од четирите хашки предмети кои во 2011 година со автентичното толкување на членот 1 од Законот за амнестија, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ решија да престане кривичното гонење на одговорните за тие предмети. Освен случајот „Непроштено“ со амнестијата беа опфатени и предметите „Водството на ОНА“ во кој лидерот на ДУИ се гонеше за командна одговорност, „Затворањето на Липковската брана“ и „ Малтретирањето на мавровските работници’.

Дванаесет Македонци исчезнаа во тетовско за време на воениот конфликт во 2001 година. Три години подоцна во гробница кај месноста Непроштено беа пронајдени делови од човечки тела за кои се потврди дека се четворица од киднапираните. Неколкумина беа осомничени за киндапирањата но до судски процес никогаш не дојде оти беше прогласена амнестија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...