Веројатно малкумина знаат или многумина заборавиле дека Ѓорѓе Иванов беше член на Управниот одбор на фондацијата Сорос во Македонија. Уште помалку е познато дека тој еден период беше член на Советодавното тело на ЦИВИЛ. Како универзитетски професор секогаш се трудел да биде во друштво на маркантни имиња и успева да стане нивен водоносец, да им поправа по дома, а за возврат добил и соавторство во нивни научни проекти и изданија.
Не така одамна, професорот Светомир Шкариќ на конференција на ЦИВИЛ јавно го искажа своето каење што ја поддржал неговата претседателска кандидатура, што му дал незаслужено место на коавтор и низа други работи поради кои на секој пристоен интелектуалец би поцрвенел и би барал најтемно катче да се скрие.
Иванов е тивок, но упорен кариерист, кој својот пат го оди со послушнички сведната глава. Започнува како комунистички „омладинац“ и СДСМ-овски функционер од провинциски калибар, до жесток националист и узурпатор на институцијата претседател, по изборна кражба што му ја обезбеди Фамилијата што го поседува.
Неговиот брат завршува в затвор поради криминал, што е директен повод за неговото свртување и одметнување. Неговата патека ќе беше безначајна и невидлива, но стана грда и многу видлива. Од тивок комунист, кариерист, марионета и подлизурко тој прерасна во радикален националист и узурпатор, но остана марионета и подлизурко.
Иако неговото име најчесто се поврзува со растителниот свет, претежно со фикусот, но и многу други погрдни имиња кои алудираат на проблеми со интелигенцијата, тој е препреден бизнисмен, дел од семејство што има добро разработени милионски бизниси, од кои дел се со седиште во даночниот рај Панама. Можеби во споредба со бизнисите е „ситно“, но ја помниме и неговата кравата од 5.000 евра што ја купи со пари на граѓанките и граѓаните.
Името Иванов се вивна во политичката стратосфера откако започна послушно да ја спроведува агендата на Фамилијата што беше на власт 11 години и успеа повеќе пати грубо да го прекрши Уставот и законите на Република Македонија, додека устата му беше полна со Устав. Тој е директно одговорен за жестоката опструкција на работата на Специјалното јавно обвинителство, а со аболицијата на осомничените Груевски и Фамилија во април 2016 година, ја револтираше македонската јавност и не сакајќи придонесе кон покренување на Шарената револуција, по што режимот падна.
Тој ја срамеше Македонија каде и да се појави и во голема мерка придонесе кон изолацијата на земјата од меѓународната сцена. Додека Македонија се соочуваше со жестока безбедносна провокација на 9 мај 2015 година, тој беше на воена парада во Русија. Тоа не беше случајно, како што не се случајни сите негови политичко-разузнавачки прегратки со машинеријата на Путин. Тоа се вика шпионажа и велепредавство, зарем не?
Иванов, со помош на пропагандно-шпионската мрежа, стана икона на грст радикали што ѝ сакаат само лошо на својата земја, свесни или несвесни дека се дел од тајни странски операции што се насочени против Македонија. Неговиот кабинет е составен од знајни и незнајни разузнавачи кои работат за руските, но и други тајни служби. Една посериозна истрага на неговото дејствување во узурпираниот претседателски кабинет, веројатно ќе води кон долгогодишни затворски казни.
Импичментот, испитувањето на неговата деловна способност, истрагите за неговото противуставно дејствување беа актуелни во 2016 година, па и на почетокот на 2017 година. Денес, импичмент за него и за неговите газди ќе значи пропагандна услуга, а секако ќе биде најблага казна за неговите недела и неславна улога во политиката.
Како и да е, сега е најважно да му каже некој дека нема да ѝ избега на правдата и дека таа ќе биде решителна и строга. Со секој свој нареден чекор, тој ќе ги намали или зголеми казната и срамот. Крајно време е да направи избор самостојно, веројатно за прв пат.