Имајќи го во предвид фактот дека сообраќајните незгоди се водечка причина за смрт и повреди кај младите лица, родителите со право се загрижени дали нивните деца, популарно наречени тинејџери, ќе бидат добри и одговорни возачи. Иако не постои апсолутна гаранција, сепак РСБСП ќе се обиде со неколку предлози да ви помогне да придонесете вашето дете да биде безбеден и одговорен возач.
– Бидете позитивен пример од кој вашето дете треба да учи. Децата и тинејџерите најчесто и најлесно учат преку примери. Студија спроведена од safekids.org покажува дека најголемо влијание врз однесувањето на тинејџерите во сообраќајот имаат нивните родители. Ако тинејџерите ги видат родителите да пишуваат пораки и да возат или да возат под влијание, ќе претпостават и ќе изградат став дека тоа е прифатливо однесување во возењето.
За да бидете сигурни дека вашето дете -тинејџер учи за безбедни и паметни возачки навики, како родител треба да се поставите за добар и позитивен пример. Еве ги основните работи што треба секогаш да ги имате во предвид:
– Секогаш ставајте сигурносен појас – без разлика колку далеку возите
– Почитувајте ги правилата за ограничување на брзината
– Почитувајте ги сите сообраќајни знаци
– Никогаш не возете под дејство на алкохол
– Не користете мобилен телефон додека возите и др.
Поставете лични стандарди и принципи на однесување во сообраќајот и секојдневно почитувајте ги:
– Бидете трпеливи и толерантни во сообраќајот
– Почитувајте ги пешаците и велосипедистите
– Бидете внимателни каде паркирате
– Правете почести паузи за одмор кога патувате на подалечна дестинација
– Не консумирајте храна зад воланот
– Секогаш кога ќе седнете во возилото проверете го и наместете го ретровизорот
– Немојте постојано да ја менувата музиката и радио каналот додека возите и не пуштајте премногу гласна музика додека возите
– Бидете грижлив за вашиот автомобил и за неговата техничка исправност
Бидете сигурни дека вашето дете ги знае опасностите и последиците од неодговорното возење. Пред вашето дете да ја добие возачката дозвола, разговарајте со него и укажете му за можните последици од неодговорното учество во сообраќајот. Разговарајте со него и укажете му како и од кого да побара помош и како да се однесува во случај на несакана ситуација.
– Ограничете го бројот на патници во автомобилот. Истражувањата покажуваат дека ризикот од сообраќајни незгоди се зголемува кога тинејџерите се возат со други тинејџери во автомобилот. Одвлеченото внимание и желбата за докажување пред другите често ги наведува младите возачи на погрешно однесување во сообраќајот. Затоа, додека вашето дете не демонстрира зрелост, разговарајте со него, поставете правила и ограничете го бројот на патници во возилото на еден или двајца. Иако оваа мерка може да предизвика негодување кај вашето дете, верувајте дека еден ден ќе сфати дека тоа било направено за негово добро.
– Бидете информирани. Како родител, сѐ додека вашето дете е тинејџер и возач-почетник, секогаш треба да знаете каде оди, со кого се дружи и како се однесува во сообраќајот. Кога тргнува на пат на подалечна дестинација, треба да знаете каде оди, по која рута и кога се очекува да пристигне на посакуваната дестинација. Замолете го по пристигнувањето да ви пише или да ви јави и да ве извести дека пристигнало безбедно. Во случај на незгода, ќе знаете кој пат да го проверите и кога треба да почнете да се грижите.
– Поставете „полициски час“. Согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, возач-почетник на моторно возило не смее самостојно да управува возило во патниот сообраќај во периодот од 23.00 часот до 05.00 часот. Возењето во текот на ноќта може да биде опасно дури и за искусни возачи. Во ноќните часови младите често консумираат алкохол и затоа додека вашето дете не изгради свест и додека не демонстрира зрелост, бидете сигурни дека ја почитува оваа законска одредба.
– Доверете му одговорност на вашето дете. Една од грешките што ги прават родителите е тоа што грижата за полагање возачки испит ја земаат за своја. Дозволете му на вашето дете самостојно да одбере автошкола и не му правете притисок кога и како ќе го положи возачкиот испит. Едноставно, само објаснете му дека тоа е негова одговорност и дека мора да биде комплетно подготвено и теоретски и практично за да се здобие со право за управување моторно возило. На тој начин, вашето дете ќе знае дека одговорноста е пред сѐ и над сѐ, негова и лична, а не на родителите или на некој друг.
– НАЈВАЖНО ОД СЕ: Не му го отстапувајте на користење семејниот автомобил сѐ додека не добие возачка дозвола од соодветната категорија. Како родител, секогаш треба да демонстрирате карактер и почитување на Законот, доколку сакате тоа да го прави и вашето дете. Затоа, не прифајќајте никакви објаснувања, оправдувања и ветувања и никогаш не се согласувајте да му го отстапите семејниот автомобил без да положи возачки испит. За да го намалите притисокот кој може да биде континуиран и силен понудете му опција да се подготви и да почне да учи и да полага за возачка дозвола.
Имајќи го предвид фактот дека според Светската Здравствена Организација, во просек, годишно, на светско ниво, околу 400.000 млади лица го губат животот во сообраќајни незгоди, односно околу 1100 млади животи секој ден се изгубени на патиштата ширум светот, неминово се наметнува прашањето и за родителската одговорност.
Родителска обврска е да ги воспитуваме и едуцираме децата да бидат вредни и чесни, да ги учиме на култура и толеранција, на почит и самопочит, но исто така, родителска обврска е да ги учиме да бидат одговорни учесници во сообраќајот и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, секогаш и секаде, затоа што сообраќајот е многу сериозен извор на опасности и закани по животот и здравјето на младиот човек.
РСБСП со апел: Бидете одговорен родител и помогнете му на вашето дете да биде одговорен возач!