На маргините на Третиот самит на спикери на парламенти на Централна и Источна Европа, што се одржува на 12 и 13 јули во Варшава, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари билатерална средба со претседателот на Претставничкиот дом на Малта, Анџело Фаруџа.
Во пријателска и искрена атмосфера, двајцата претседатели изразија задоволство од можноста да остварат прва билатерална средба и да разменат мислења околу отпочнувањето на потесна парламентарна соработка, особено во време кога Република Македонија има потреба од силна поддршка на патот кон влез во европското семејство.
Претседателот Џафери изрази благодарност за воспоставувањето на дипломатските односи со Република Малта на крајот од 2016 година, бидејќи тоа претставува одлична основа за интензивирање на идната заедничка соработка на сите нивоа и во домените од заеднички интерес, особено во контекст на европските интеграциски процеси на Република Македонија.
Од своја страна, претседателот на Претставничкиот дом на Малта, д-р Фаруџа, истакна дека и покрај тоа што Малта е најмалата земја членка на Европската Унија, дава недвосмислена и безрезервна поддршка на Република Македонија во процесот на отпочнување на преговорите за полноправно членство во европското семејство.
Двајцата соговорници се согласија дека токму Парламентите се стожер на процесот на европска интеграција на земјите и затоа секоја размена на искуства со земји членки е драгоцена во овој процес. Оттука, претседателите се согласија дека треба да се разгледа можноста за искористување на мноштвото стипендии што ги нуди владата на Малта меѓу другото и стипендии за државни службеници, како можност за размена на ниво на парламентарна служба.
На крајот на средбата, претседателот Џафери упати усна покана за официјална посета на Република Македонија до претседателот на Претставничкиот дом на Малта, во период кој ќе биде најсоодветен за двете страни.