Универзитетскиот професор и надворешен советник на Владата Мерсел Биљали во денешното издание на „Само вистина“ на Канал 5 денешниот ден и овој период ги оцени како историски и многу важен за државата.
– Наративот на опозицијата дека ова e капитулантски договор и фијаско за македонската дипломатија е пренагласен и нема врска со реалноста – рече Биљали.
Неговиот соговорник Петар Богојески, заменик генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека морковот што се нуди е премал во однос на она што се добива, но смета и дека Македонија е во мала предност споредбено со Самитот во 2008 година.
– Истото ова го доживеав во 2008 година. Тогаш добивме условена препорака да влеземе во НАТО откако ќе го смениме името. Сега добивме условена покана за да влеземе во НАТО откако ќе го смениме името – рече Богојески.
И Богојески и Биљали сметаат дека во дел од јавноста постои евроскептицизам, дел се премислува, а дел е под влијание на лажни вести и политичка пропаганда и дека сите ние треба да влијаеме таа слика да се расчисти.
– Грција е таа која бара промена на името, а не ЕУ и НАТО – посочи Богојески.
Биљали апелира ВМРО ДПМНЕ да не прави „тивок“ повик за бојкот на референдумот, за кој тој смета дека баш и не е потребен.