Величковски: Приоритет на буџетот за АРМ годинава е набавка на униформи и чизми

Со прогресивен раст на буџетот за Армијата до стандардите на НАТО, вели началникот на Генералштабот на АРМ.

294

Приоритет на буџетот за Армијата во оваа година е набавка на униформи и чизми. Тендерот е веќе објавен и се очекува да заврши до крајот на годинава и сите припадници да добијат најмалку по два пакета борбена униформа, изјави началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски.

Во интервју за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма тој рече дека Буџетот за армијата како стандард во НАТО е дефиниран на 2 отсто од БДП, а буџетот на Одбрана и на Армијата во минатите години бил приближно на ниво од 1 отсто.

– Најавено е тој прогресивно да расте со цел да го достигнеме стандардот на НАТО. Верувам дека тоа ќе се случи што ќе овозможи развој, обука и одржување на борбената готовност на рамниште кое ќе биде потребно како земја-членка на НАТО -истакна Величковски.

Приоритетот на АРМ е одржување на потребното ниво на борбената готовност со цел да се одговори на задачите, посочи началникот и појасни дека буџетот во НАТО-земјите и кај нас се дели процентуално и 50 отсто одат во таа намена.

– Триесет отсто одат во одржување и операции и 20 отсто за опремување и набавки. Принципот кој го применувавме ние низ годините е доделениот буџет да се распределува отприлика во тој размер – рече Величковски, додавајќи дека се случувало за плати да  одат скоро 60 и повеќе отсто од буџетот и потоа средствата кои ќе останат да се делат по приоритети.

Настојувавме, честопати на работ на импровизација, рече началникот на ГШ на АРМ, да обезбедиме средства за Армијата, а во 30-те отсто има фиксни трошоци – комунални, трошоци за погонски средства и горива, храна.

– Од средствата коишто остануваа правевме приоритети. Од година во година тие се менуваа, меѓутоа она што е приоритет со буџетот за оваа година е конечно набавка на униформи и чизми кои беа доведени во критична состојба. Во Армијата мора да се има континуитет за набавките. Тендерот е веќе објавен и очекуваме дека до крајот на година успешно ќе заврши и сите припадници да добијат најмалку по два пакета борбена униформа – рече Величковски.

Армијата нема независен буџет. Буџетот или средствата коишто и се доделуваат, Армијата ги планира, меѓутоа, согласно Законот за реализација на Буџетот и другите законските прописи, одговорноста е во Министерството за одбрана.

Пред секоја календарска година, согласно доделениот буџет, ГШ на АРМ прават план за јавни набавки со приоритети и откако ќе се одобри од министерот за одбрана во првите два месеца во календарската година се изработуваат реферати за набавки кои се доставуваат до Секторот за логистика во МО.

– Од тој момент, одговорноста и начинот на вршење на процедурите и финалната фаза согласно законите е во МО. Ние сите овие години од формирањето на АРМ, сите гарнитури во ГШ и во сите нивоа на командување, инсистираме да дојде до децентрализација на буџетските средства -додаде Величковски. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...