Руско МНР: Македонија е присилно вовлечена во НАТО

Форсираното вовлекување на Македонија во НАТО само потврдува дека политиката на отворени врати се претвора во цел сама по себе, односно во инструмент за освојување на геополитички простор. Станува збор, всушност, само за едно - за постигнување воена предност, изјави портпаролката на Министерството за  надворешни работи на Русија.

1024

Стремежот на НАТО механички да се прошири во Европа не може да ја зацврсти безбедноста, а форсираното вовлекување на Македонија во тој воен блок, само потврдува дека „политиката на отворени врати“ станува самата на себе цел, изјави Марија Захарова, портпаролка на Министерството за  надворешни работи на Русија.

Како што пренесе „Спутник Србија“, Захарова на брифингот за новинарите во Москва, во врска со Самитот на НАТО во Брисел и поканата за членство на Македонија изјави:

– Во практика Алијансата ја обновува атмосферата на епохата на блоковска конфротација, во која, по се изгледа, се чувствува многу покомфорно отколку во услови на еднополарен светски поредок….Со тоа е условен и стремежот на блокот механички да се шири. Тој стремеж не му ја зацврстува никому неговата безбедност, тоа е очигледно, туку само ја продлабочува линијата која ја дели и ја засилува напнатоста во Европа. Форсираното вовлекување на Македонија во НАТО само потврдува дека политиката на отворени врати се претвора во цел сама по себе, односно во инструмент за освојување на геополитички простор. Станува збор, всушност, само за едно – за постигнување воена предност – изјави Захарова.

Таа рече дека „Москва ќе ги анализира одлуките на Самитот на НАТО од гледиште на последиците за европската безбедност, но веќе сега може да се заклучи дека Алијансата не е заинтересирана за објективна процена на состојбата во врска со опаѓање на безбедноста во евроатлантската област“.

Според Захарова, членките на Алијансата сакаат да го гледаат светот низ призмата на стереотипот на Студената војна.

Захарова изјави дека воениот блок ја зголемува својата воена активност и во поранешните мирни делови на Балтикот и во северна Европа, цинично обвинувајќи ја Русија за зголемување на тензиите во евроатлантските структури, без да наведат никакви докази.

– НАТО се позиционира како одбранбен сојуз, но го интензивира купувањето на офанзивно оружје – заклучи Захарова.

Според неа, Русија не покажува никаква агресија против НАТО.

– Не е точно кога раководството на Алијансата зборува дека ќе ги заштити земјите на НАТО од агресијата на Русија. Од една причина – не постои руска агресија кон земјите-членки на НАТО. Едноставно ја нема – рече Захарова.

Таа, исто така, рече дека Москва е изненадена од широката дебата за изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за НАТО и неговото барање партнерите од Алијансата да ги зголемат своите воени трошоци колку што е можно поскоро од два до четири проценти од БДП, поради тоа што американскиот лидер го изразил само својот долгогодишен став.

Захарова, исто така, ги коментираше зборовите на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтебенберг за Крим, посочувајќи дека оваа тема е затворена за Русија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...