Тоа е историска одлука за иднината на мојата земја и нашите граѓани. Оваа одлука е признание за нашата посветена работа повеќе од две децении. Работејќи заедно, Владата и опозицијата со поддршка на сите граѓани – покажавме дека можеме да ја оствариме оваа наша стратешка цел, истакна премиерот Зоран Заев во обраќањето на состанокот на лидерите на земјите членки и партнери во мисијата „Решителна акција“ што се спроведува во Авганистан.
Тој нагласи дека оваа одлука е признание за заложбата на Република Македонија за спроведување, заштита и споделување на заедничките евро-атлантски вредности и дека со отворање на вратите на НАТО за полноправно членство, Алијансата покажа зошто оваа организација е толку важна и силна за поддршката на Југоисточна Европа и за Европа.
Заев потенцираше дека, како 30-та земја-членка на НАТО, земјата е подготвена да продолжи целосно да го споделува товарот, должностите и одговорностите заедно со сојузниците, во зачувувањето на регионалниот и меѓународниот мир и стабилност.
– Во буџетот за оваа година ставката за одбранбените политики, односно за АРМ е зголемена за 14 отсто, а нашата определба е да се зголемува секоја наредна година за 0,2 проценти, со цел и со цврста политичка волја, до 2024 година, да издвојуваме 2 отсто од БДП на земјата за буџетот на армијата – рече премиерот Заев.
– Република Македонија целосно ја прифаќа колективната определба на партнерите на НАТО за понатамошно создавање средина која ќе му овозможи на Авганистан да го консолидира својот мир, безбедност, одржлив развој и просперитет. Во оваа фаза, нашите напори ќе бидат во поголема мера фокусирани на понатамошна поддршка на доброто владеење, демократијата и човековите права, вклучувајќи ги и жените и децата, кои се дел од суштинските предуслови за развој на целокупната земја, како и во борбата против корупцијата, што е од еднакво значење – истакна премиерот Заев.
Тој додаде дека е особено важно Авганистан да ја добие силна поддршка за подобра иднина на земјата и нејзините граѓани, како и за постигнување на одржлива политичка стабилност и безбедност за време на претстојните парламентарни избори во октомври 2018 и на претседателските избори во 2019 година, со што ќе биде овозможено важните политички процеси и реформи во земјата да продолжат.
– За поддршка на овие процеси, истовремено признавајќи ја важноста на фер избори, како предуслов за консолидација на демократијата и владеењето на правото, Република Македонија ќе испрати одреден број лица за поддршка на изборите во Авганистан, за да бидат дел од асистенцијата за авганистанските национални одбранбени и безбедносни сили, и за активностите за помирување и за мир во земјата. Ние веруваме дека авганистанската влада и другите политички актери во земјата ќе ја препознаат важноста на овие процеси и понатаму ќе продолжат да ја прифаќаат стабилноста и соработката. Алијансата, оперативните партнери и меѓународната заедница се тука за да помогнат со конструктивна поддршка од суштинска важност – рече премиерот Заев и додаде дека Република Македонија го зголеми учеството во мисијата „Решителна поддршка“ во Авганистан како придонес кон усогласената меѓународна поддршка за одржлив и интегриран пристап за постигнување резултати во блиска иднина во Авганистан.