Православната Охридска Архиепископија (ПОА) тврди дека во понеделникот на граничниот премин „Меџитлија“ кај Битола, полицијата без никакво образложение му го одземала пасошот на владиката Јован Вранишковски.
-На 09 Јули, оваа година, на граничниот премин Меџитлија кај Битола, без никакво образложение, од страна на Министерството за внатрешни работи одземена му е патната исправа на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован. Таква дискриминација со одземање на патни исправи без никакво образложение, својствено е за правно неуредени држави, држави во кои нема никакво владеење на правото – реагира ПОА.
МВР, за Плусинфо потврди дека на 9 јули во 18,30 часот на граничниот премин „Меџитлија“ за излез од Македонија на лицето Ј.В.(52) од Битола му била привремено одземена патната исправа. На нашето прашање кои се причините за одземената патна исправа, МВР вели дека во електронските евиденции на граница било констатирано дека стои мерка „судска забрана“, поради која на лицето не му било дозволено излез од земјава.
Во МВР немаат информации во врска со содржината на судската одлука, само ни посочија дека станува збор за судска забрана од битолскиот суд.