Втората влада на досегашниот ,,премиер во оставка” Андреј Бабиш доби доверба во парламентот, по петнаесетчасовна дебата, со многу полемички тонови. Како и што се очекуваше, Кабинетот го поддржа големо мнозинство на пратеници од редовите на АНО, социјадемократите и комунистите. За доверба гласаа вкупно 105 пратеници од присутните 196, јавува Ристо Лазаров од Прага.
При крајот на дебатата за доверба на владата, пред зградата на парламентот се одржаа протести на кои неколку стотини граѓани го изразија своето незадоволство од изборот на оваа влада. Интервенираше и полицијата, која го блокираше главниот влез во зградата. Во парламентарната сала демонстрациите ја кренаа тензичноста кај некои опозициони партии, кои побараа од премиерот Бабиш да се соочи со демонстрантите. Околу 22 часот тој тоа и го направи, излезе пред демонстрантите и низ насмевка им мавна поздравувајќи ги. Тие му возвратија фрлајќи кон него со шишиња вода. ,,Сакаме вистинска влада, Чешката Република не е Русија!” – извикуваа демонстрантите. ,,Срамота! Не ви ја даваме Чешка! Ние не сме ваша компанија!”, извикуваа демонстрантите. Демонстрациите беа мирни.
Како што е познато, пред повеќе од седум месеци првата влада на премиерот Бабиш, именувана од претседателот Милош Земан, не доби доверба во парламентот и досега работеше како влада во оставка. Чешката политичка практика памети и подолги периоди владата да работи како ,,влада во оставка”.
Два дена пред гласањето доверба во Парламентот, веќе именуваната министерка за правосудство Татјана Мала, под притисок на јавноста, поднесе оставка – поради плагијат на докторската дисертација. Секавично, такаречи преку ноќ на нејзиното место е поставен Јан Кнежник.
Важен фактор при изгласувањето на довербата беше поддшката на пратениците на Комунистичката партија. АНО на Бабиш, како што е познато, на изборите однесе убедлива победа и освои 78 пратенички места, но остана сам против сите. Сега, со петнаесетте места на Социјалдемократите обезбедија вкупно 93 места, а за доверба беше неопходен 101 глас. Таа поддршка ја дадоа комунистите кои имаат 10 места во парламентот. Но, тие не влегуваат во владата, туку и овозможуваат доверба. Во врска со тоа во чешката политича јавност се поставуваше и прашањето – значи ли тоа враќање на комунистите на власт? Мислењата се поделени. Вацлав Клаус, кој има долга километража по чешките политички патеки и беспаќа, во опширното интервју за ,,Млада фронта днес” рече дека не е сигурен дека поддршката од комунистите е нивно враќање на власт. Клаус ги предупреди опозиционерите (меѓу кои е и неговиот син) да се фокусираат на владината програма и профилот на министрите, а не на, според него, евтини пароли дека комунистите се враќаат на власт.