Настаните во Собранието на 27 април лани беа насилен обид за спречување на промена на власта. Со иницијативата за амнестија се доведуваат во прашање, владеењето на правото, неприкосновеноста на туѓиот живот и демократските процеси, реагираат од Институтот за демократија упатувајќи апел до јавноста.
„Истовремено, намерите на еден ваков закон се во директна спротивност со заклучоците на Европскиот Совет во врска со Македонија. Во заклучоците јасно се вели дека „ …одговорност за нападот на парламентот на 27 април мора да биде утврдена.“ Следствено, со оваа законска иницијатива директно се подриваaт шансите на Македонија за отпочнување на преговорите со оглед на тоа што свесно се оди против заклучоците на Советот“, пишува во нивниот апел.
Институтот за демократија ги повикува сите страни да водат сметка за државните стратешки интереси и иднината на Македонија. Како што наведуваат, обвинителството треба да поттикнува, а судовите да испорачуваат правда без оглед на текот на реформите.
„Ефикасна и неселективна правда за сите од страна на судскиот систем е главна задача за иднината на државата. Правдата доцни и дополнително се отежнува од вакви законодавни иницијативи. Наместо амнестија, треба одговорност за сторителите, но и за организаторите на настаните на 27 април. Иницијативите за амнестија ги поткопуваат позициите на земјата во пресрет на отпочнување на преговорите за влез во ЕУ и ги обесхрабруваат правдољубивите граѓани“, велат од Институтот.
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI