Во рамките на активностите за регионална интеграција на земјите од Западен Балкан, едно од многуте важни прашања е воспоставување регионален приод на системот на средно стручно образование и обука.
Од Стопанската комора на Македонија (СКМ) која е вклучена во процесот на подобрување на состојбата велат дека недостигот на стручен кадар со средно образование, надополнет со одливот на кадри надвор од земјите на Западен Балкан, како и трендовите во Европа и во светот на дигитализација, автоматизација на процесите, комјутеризација, глобализација, се предмет на анализа и решенија во рамките на проектот „Иницијатива за реформа во образованието во Југоисточна Европа“ (ЕRI СЕЕ), поддржан од „Култур Контакт“ од Австрија.
Следејќи ги активностите на европско ниво, иницијативите кои се преземаат преку проектот ЕRI СЕЕ се во насока на конкретизирање чекори за воспоставување систем на средно стручно образование и обука во рамките на Западен Балкан. За таа цел, веќе е изработена и Платформа која ќе функционира во форма на веб-страна каде ќе партиципираат институциите за средно стручно образование и обука од сите земји од регионот.
Од комората велат дека цел е преку оваа платформа да се градат политики кои ќе ги изедначуваат или усогласуваат стандардите на занимања во земјите од Западен Балкан и ќе го олеснуваат протокот и движењето на работната сила.
Во таа насока, во Виена беше одржана 5-та средба на учесниците во овој проект, како и претставници од стопанските комори од земјите од регионот членки во Коморскиот инвестициски форум од Македонија, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина.
-По претставувањето на Платформата и дискусијата како и во која форма во следниот период истата ќе се развива, на заедничкиот состанок беше констатирано дека мора активно вклучување и на коморите во процесот на креирање регионални активности на полето на средно стручно образование, пред сѐ преку креирање стандарди на занимање со цел истите да бидат во функција на бизнис секторот, но и да дадат резултати на одреден период во иднина, со цел да се овозможи проток на работна сила во рамките на регионот и да се намали одливот на кадри – велат од Комората.
Во таа насока, коморите се подготвени да партиципираат во процесот. Но она што е многу битно е дека е потребна поддршка на бизнис асоцијациите во целиот регион за реализирање на постапката за вклучување на компаниите во процесот на креирање соодветни стандарди и активности.
Она што треба да се дефинира во следниот период е дали ќе се преземаат активности во насока на креирање стандарди за конкретно занимање кои ќе важат за сите земји од регионот, или пак ќе се креираат стандарди кои ќе се однесуваат само на земјите кои имаат интерес за такво занимање.