Во седиштето на НАТО во Брисел, министерката за одбрана Радмила Шекеринска го потпиша Меморандумот за разбирање со кој Македонија се приклучува кон „Smart Defence“ иницијативата за муниција за копнено војување.
Меморандумот за разбирање министерката Шекеринска го потпиша заедно со 17 министри за одбрана од земји-членки на НАТО, и со својот колега од Финска, партнер на НАТО. Покрај Белгија, како водечка во оваа иницијатива, меѓу потписниците на Меморандумот се Германија, Франција, Данска, Шпанија, Норвешка, Австрија, а од регионот – Словенија и Црна Гора.
Меморандумот за разбирање воспоставува рамка која обезбедува групирање на националните краткорочни и долгорочни планови за набавки на муниција за копнено војување. Тоа значи дека работејќи заедно, земјите-членки на оваа иницијатива ќе добијат муниција по пониски цени, ќе ги хармонизираат залихите и ќе имплементираат заеднички решенија за складирање на долг рок. Иницијативата за муниција за копнено војување обезбедува подобра интероперабилност на декларираните единици на Армијата на Република Македонија, особено лесната пешадиска баталјонска група. Иницијативата овозможува заштеда на финансиски средства при набавката на муниција, додека самото членство во оваа иницијатива нема финансиски побарувања.