Поканата за пристапните преговори со НАТО е добра вест за иднината на граѓаните и Македонија. Членството во НАТО ја зголемува безбедноста и носи други придобивки за понатамошниот развој на земјата, рече професорот Сефер Тахири во денешната „Само вистина“ на Канал 5.
– И за нас во овој случај важи истата процедура која беше и за Албанија и Хрватска, што значи дека некаде на почетокот на идната година ние би биле членка на НАТО. Секако, дотогаш треба да се продолжи реализацијата на договорот со Грција. Податоците на Евростат и на Светската банка покажуваат дека секоја земја што станала членка на НАТО бележи развој, повеќе странски инвестиции и раст на стандардот – рече Тахири.
Според неговиот соговорник Ристо Никовски, во денешната покана за членство во НАТО нема суштинска разлика во однос на заклучоците од 2008 година, односно сè уште стои условот Македонија да го смени името.
– Наместо иднина, ќе има небиднина за Македонија. Секој одговорен Македонец треба да направи сè овој договор со Грција, кој е капитулатски, да не успее. Тоа треба да го направи и опозицијата, дали преку бојкот на референдумот или на друг начин – оцени Никовски.