Кога Синоличка пишува[1] за сиромаштијата, мисли, очигледно е, или можеби јас така тоа го читам, на материјалната сиромаштија која што, точно, е најчесто резултат на „необразованост, запустеност и негрижа за она што го имаш, зашто системот не функционира“. И, се согласувам, „таму каде што царува сиромаштијата, најчесто царува и криминалот“! Кога јас пишувам за самозаробена држава мислам на држава сиромашна со дух, знаење, храброст, чесност, морал …! И тие две нешта не секогаш мора да одат заедно. Односно, имате сиромашни ама храбри, чесни, духовни народи / држави. Како што има и обратни примери. (Иако, се согласувам, таквите генерализации не се многу омилени). Но, крајниот резултат во поглед на материјалната или духовната сиромаштија е речиси секогаш ист: во обата случаи во таа држава царува криминалот. Во едниот случај оној вулгарен, буквален, бандитски уличарски криминал, во другиот случај оној „софистициран“, прикриен, маскиран односно … (квази)интелектуално и (квази)политички и секаков друг криминал! И, повторно, со еднаков производ.
Ние како да не знаеме од кој вид криминал попрво да се одбраниме, ако воопшто сакаме да се (од)браниме. Или поедноставно ни е да се препуштиме на судбината, па нека биде што (треба да) ќе биде? Така се однесуваме, генерално. Зашто, ако повторно ја земам културата како пример, иако таа е безмалу идентична со состојбите и во другите т.н. општествени дејности, ние како воопшто и да немаме намера да се справуваме – борбата за нас е пресилен збор – со наследството од криминалот / криминалците што не’ држеа во пранги повеќе од една деценија. Освен оние тековни судски процеси, кои што не ги потценувам, никако, ама и тие, сега, веќе ми заличуваат на притисок од ЕУ – онаа која што, ете, според „философот“, нè тера дури и името да си го смениме (мама миа, какви сè „философи“ се намножија во државава! – како нешто што ние, инаку, би сакале да го прескокнеме, нели. Зашто – повторно ли ќе се делиме: на чесни и криминалци, на морални и бандити …?
Впрочем, да не беше така, нели поинаку ќе се однесувавме, барем оној дел од нас кој што сепак не се гледа како соучесник во самозаробената држава? Ние, денес, ги имаме „на тацна“ речиси сите криминали на злосторничкото здружение, плус нивните јатаци и петтата колона како асистент во самозаробувањето на државата. Ги имаме речиси сите по список, од горе до долу. Не само со слика туку и со звук. Од „бомбите“, де. И? Труба, ништо. Барем да ги изнесеме јавно пред светот, ако не повеќе!? Или повторно во душичките на Трпе и Трајче се јавува сомнежот: а што ако утре се вратат на власт? Па како бре ќе се вратат на власт кога треба да лежат по минимум дваесет години? Или, Македонија – и сè е можно?! Зашто, ние сè уште, не само во културата туку и во здравството, образованието – особено високото – науката итаканатаму не видовме некому да му фали влакно од главата заради отвореното учество и / или поддршка во самозаробувањето на државата, во упропастувањето на ресурсите, потенцијалите, кадрите, во безмилосното пљачкосување на буџетските пари, во кршењето на Уставот и сите можни закони, во узурпацијата на основните човекови права … Учителкине кои носеа крстови со имиња на луѓе од опозицијата, наставници и директори кои не ги пуштаа среднишколците на протести, универзитетскине „професори“ кои сееа омраза и прогласуваа предавници и непријатели, па дури бараа и „долги ножеви“, сите и понатаму комотно си седат на работните места и примаат државна плата како ништо да не се случило; едно чудо приучени културни директорчиња кои ги разнебитија институциите, ја омаловажија професијата и ги урнисаа сите стручни стандарди попатно пљачкосувајќи сè што можеа да однесат, поминаа само со смена од директорската фотелја; „научницине“ од типот на фамознине „историчари“ кои ги остваруваа сите налудничави фикс идеи на непресметливоно фирерче и кои за тоа беа богато наградувани и понатаму клепаат „наука“ по туѓ политички диктат. Дури, еве, (диригирано?) почнаа да се појавуваат и пофални гласови дека и „највисоката“ ни научна и културна институција, па дури и библиотекарон поименично – кој не’ закрпи со цели 19 милиони евра по мемливи подруми – ни била светлина на патот! Токму од таквата светлина ослепевме, токму од таа светлина дванаесет години живеевме во мртва темница во која што никој, ниту еден од тие „бардови“ глас не пушти во одбрана на правото, правдата, Уставот, законите, моралот … човекот во оваа држава. И ваквите гласови, сигурен сум, ќе зачестат, ќе ги има сè повеќе за да полека но сигурно се мие срамот од нивните бербатни лица. Ако дозволиме, се разбира. На починатите великани, се разбира, никој ништо не им префрла, ниту може ниту пак сака, зашто тие, за среќа, и не беа вмрежени во злосторничкото здружение, не ги дуваа окупаторските гајди во кои „милно“ им свиреше налудничавиот овчар. И нив секој со пиетет ќе ги спомнува. Ама – овие?
[1] Синоличка Трпкова, За (пре)пораката од нашите предци, Либертас, 06.07.2018