Заев: Препознаени сме како земја лидер во регионот за билатералните прашања ВИДЕО

62

Мора да се каже дека Република Македонија има специјално место на ова издание на Самитот на ЕУ за Западен Балкан. Со постигнатиот договор за македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство со Грција, како и со датумот за преговори со ЕУ, нашата земја е препознаена како лидер во регионот од аспект на надворешната политика и билатералните прашања и наследство од минатото, изјави премиерот Заев по повод учеството на македонската делегација на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Лондон.

– Начинот на кој нашата земја ги затвори отворените прашања со сите соседи е модел за успешна приказна што ја поздрави целиот демократски свет, и посебно нашите соседи и нашите партнери во Европската Унија – рече Заев.

Како што соопшти владината прес-служба, во оценката за учеството на ова издание на Самитот ЕУ-Западен Балкан, тој истакна дека станува збор за респектибилен собир кој оваа година беше посветен на регионалната економската соработка како суштински дел од интегративните процеси на ЕУ, на надворешната политика и билатералните прашања и наследство од минатото, како и на безбедносните прашања и миграциите, тема на која, вели, целосно е фокусирана ЕУ и сите останати европски земји.

Според него, на овој Самит дошла до израз уште еднаш определбата на сите земји во регионот да споделуваат европски ставови и вредности во однос на заедничко поврзување и соработка.

– Се договоривме дека нема да го пропуштиме моментот да учествуваме сите заедно во посилна Европа на политички, на економски и на безбедносен план. Владата на Република Македонија е фокусирана да обезбеди и да гарантира стабилна и мотивирачка средина и да биде кредибилен партнер за бизнис иницијативите што се отвораат на овие средби. Нашите следни чекори се насочени кон постигнување на ЕУ стандардите за регионална соработка и за економските политики, соодветно на големиот потенцијал на единствениот пазар на ЕУ – рече Заев.

Тој потенцираше дека еден од елемените за мотивирачка средина за бизнис иницијативите е и поканата Република Македонија да биде 30-та земја-членка на НАТО што ја очекуваме за ден-два во Брисел.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...