Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, веројатно на почетокот или во текот на следната недела ќе пристигне во Скопје, изјави премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања во Софија.
– Претпоставувам дека министерот Никос Коѕијас очекува да биде подготвен аеродромот за слетувањето на авионот од Атина во Скопје. Се надевам дека тоа ќе биде веројатно на почетокот на идната недела или во текот на идната недела поради тоа што, пред сè, се работи за важна средба – рече Заев.
Премиерот, коментирајќи ги преговорите за името, изјави дека и на двете страни им е јасно оти мора да водат грижа за идентитетот и достоинството во Македонија и Грција, а според него, само на тој начин може да се постигне успех во решавањето на спорот.
Според Заев, политичарите се само фактори, додека институциите ги носат одлуките, па оттука мора да се води грижа како се прави тоа и во двете земји. Заев очекува решение на спорот со Грција пред самитот на ЕУ во јуни.
Заев денеска учествуваше на работниот состанок на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, и премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов, како премиер на земја претседавач со ЕУ, заедно со шефовите на држави и влади од Западен Балкан, што се одржа во Софија. На состанокот присуствуваа и високата претставничката за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, и еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.