Македонскиот образовен систем во минатите години помина многу трансформации со цел да бидат задоволени општообразовните критериуми од една страна, како и да се едуцираат кадри согласно потребите на државата и бизнис секторот. Но денес е неспорен фактот дека постои неусогласеност на понудата и побарувачката на пазарот на труд, што не е непремостлива пречка.
Еден фактор кој доведува до оваа неусогласеност е спората реакција на формалниот образовен систем, имајќи предвид дека формалниот систем треба да задоволи поширок социјален, развоен и културен аспект. Сепак, неформалното образование кое го реализираат приватните тренинг провајдери, самите компании, како и стопанските комори, придонесува за намалување на тој јаз на пазарот на труд.
Ако го анализираме пазарот на труд, во последните години отворени се повеќе работни места во секторот на преработувачката индустрија, градежништвото, транспортот и складирањето, административните и услужните активности и уметноста, забавата и рекреацијата. Околу 53% од новите работни места се поврзани со средното стручно образование, а 34% со пониските степени на образование. Во иднина повеќе работни места ќе се отворат во преработувачката индустрија и во трговијата, на степен на средно/стручно (62%) и високо образование (10%).
Од аспект на миграциите кои неминовно влијаат на пазарот на труд, најголемата група иселеници се оние со средно образование (25,0% од сите иселеници во 2016 година, 31,0% во 2014 година, 34,4% во 2013 година и 41,8% во 2012 година), по кои следува групата со високо образование (вклучително и тие со магистерски дипломи) кои сочинуваат 9,8% од иселениците во 2016 година (10,7% во 2014 година, 11,2% во 2013 година и 9,0% во 2012 година). Од друга страна, согласно официјалните статистички податоци за деловните тенденции во преработувачката индустрија, најголем ограничувачки фактор кој влијае на обемот на производството е недостигот на квалификувана работна сила, која учествува со 23%. Ако на ова се надоврзе и информацијата од Народната банка на Република Македонија дека продуктивноста на трудот и во првиот квартал од 2018 година продолжува да опаѓа, а од друга страна евидентен е раст на трошоците за труд по единица производ, јасно е дека тоа не е позитивен сигнал за бизнис секторот, и се неопходни итни интервенции за да има подобрување во овој сегмент кој влијае на општата економска слика во земјата.
Следствено на овие податоци, фокусот на образовниот систем во наредниот период треба да биде ставен на стручното образование и обука, независно дали станува збор за формалниот или неформалниот систем на образование. Имајќи предвид дека практичната настава не е соодветна за новите производствени процеси, а од таму компаниите губат определени средства додека ги подигнат вештините и знаењата на нововработените, заложбите на Стопанската комора на Македонија се воведување модел на средно стручно образование во кое транзицијата од училиште во реална работна средина ќе биде многу полесна, што се нуди преку моделот на дуално образование. Преку комбинирана реализација на образовниот процес во училиште и во компанија, согласно утврдена образовна програма ќе се олесни транзицијата од училиште во работна средина и побрзо ќе се реагира на потребите на пазарот на трудот.
Преку Проектот „Образование за вработување во Македонија (Е4Е@mk)“ кој почнува да се имплементира во партнерство помеѓу Стопанската комора на Македонија, швајцарската невладина организација „Хелветас“ и Македонскиот центар за граѓанско образование, се поставува цел да се стимулира вработувањето, пред се` кај младите, преку подобрување на стручните вештини во земјава. Образованието мора да ја смени својата улога од учење факти и теорија кон развивање вештини што може да се применат на различни работни места, односно да се воспостави функционален образовен систем кој ќе образова квалитетни кадри кои ќе бидат препознаени од страна на приватниот сектор. Освен осовременување на наставните програми и подигнување на квалитетот на практичната настава, заложбата е учениците во стручното образование да бидат подготвени за влез на современ пазар на труд кој брзо се менува, што единствено може да се реализира со флексибилни наставни програми, каде бизнис секторот ќе има зајакната улога при едукативниот процес.
Иако постои недостаток на квалификувана работна сила во речиси сите сектори, преку проектот, фокусот во прво време ќе биде ставен во делот на технологија и производство каде се вклучени струките и вештините од областа на земјоделието, прехранбената технологија и машинството, како и услугите, каде се вбројува туризмот, со посебен акцент на угостителството, личните услуги, здравството.
Имајќи ги предвид важноста на квалитетот на средното стручно образование и позитивните ефекти кои ги има врз развојот на економијата, Стопанската комора на Македонија во интензивна соработка со образовните институции и носителите на одлуки од една, и приватниот сектор од друга страна, ќе зазема активно учество при имплементацијата на националните образовни стратегии кои на среден и на долг рок ќе бидат почувствувани на пазарот.
Билјана Пеева-Ѓуриќ