Македонија во исчекување на поканата за НАТО

115

Македонија очекува на Самитот на НАТО, на 11 и 12 јули во Брисел да ја добие долгоочекуваната покана за членство. Земјава од 1999 година е кандидатка, изработи рекордни 17 Акциони планови за членство, најмногу од сите досегашни кандидатки, континуирано спроведуваше реформи во сферата на безбедноста, а конечно ја отстрани и последната препрека на патот, спорот за името со Грција, откако на 17 минатиот месец во Псарадес беше потпишан договорот за негово надминување меѓу двете земји.

Македонија очекува оваа недела свечено да биде поканета да пристапи кон најголемиот воено-политички сојуз во светот, со што ќе се отвори патот да стане 30. земја-членка. Владата со оптимизам гледа на процесот на конечно придвижување на нашето членство во НАТО.

Од покана до членство

Македонија ја има поддршката од сите 29 земји членки и очекува покана за членство во НАТО на претстојниот самит на Алијансата. Македонија е пред нов почеток. Имаме историска шанса она што го пропуштивме 2008 сега да го реализираме, порачаа министерката за одбрана Радмила Шекеринска и националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски.

Поканата за членство е првиот чекор, а ратификацијата за членство од страна на сите земји-членки е завршниот чекор.

– Некаде на средина се и нашите одлуки – референдум, уставни измени итн. Но, овој прв чекор ќе ни даде шанса да почувствуваме дека по десет години успеваме да го решиме проблемот што тогаш не спречи. Факт е дека со заклучоците на Самитот и со учеството на премиерот на состанокот посветен на Авганистан ќе покажеме дека Македонија веќе се однесува како членка, ги презема обврските како членка и дека е партнер на кој Алијансата може да се потпре – рече Шекеринска.

Според последната драфт одлука, Македонија поканата за членство ќе ја добие на 11 јули, а процедурата што и претстои до целосното членство е стандардна, како и за другите земји членки кога пристапувале.

Формалната покана за пристапни преговори ќе ја упати генералниот секретар на НАТО до МНР или до Владата, на што Владата треба да одговори со писмо на намери дека ги почитува обврските.

Како што појасни Пендаровски ќе следат мини преговори за прашања од правна до воена природа, по што ќе следи потпишување на протокол за пристапување кон Вашингтонскиот договор. По ова стартува процедурата на ратификација кај земјите-членки, при што секоја од земјите има своја национална процедура.

– Откако ќе почнат ратификациите, Македонија може да учествува практично на сите форуми како де факто членка, но без право на глас – рече Пендаровски.

Откако во Стејт департментот во САД ќе бидат депонирани ратификациите на сите земји членки вклучувајќи ја и од американскиот Сенат може да очекуваме полноправно членство.

Генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенеберг на средбата што со македонскиот премиер Зоран Заев ја имаше на крајот на јуни изјави дека очекува лидерите на земјите-членки на Алијансата на Самитот да донесат одлука за официјално почнување на преговорите за полноправо членство на Македонија во НАТО.

Столтенберг очекува да биде постигната согласност Македонија да биде поканета во полноправно членство и да почнат пристапните преговори, но приемот на земјата, рече, ќе зависи од епилогот на Договорот со Грција односно неговото прифаќање на референдум.

Столтенберг рече дека доколку Договорот за името не помине на референдум, тешко дека Македонија ќе добие покана за НАТО.

Македонија на патот до НАТО

Собранието во 1993 година ја усвои Резолуција за влез на Македонија во НАТО, при што земјава од корисник на безбедност, за кусо време стана компатибилен партнер на Алијансата.

На 15 ноември 1995 година Македонија го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир, а тогаш бевме примени и во Северно-атлантскиот совет за соработка.

Следната година во земјава беше отворена Канцеларија за врски, а при крајот на 1997 беше отворена и Постојаната мисија на РМ во седиштето на НАТО во Брисел.

Македонија на Самитот во Вашингтон во 1999 година стана кандидат за полноправно членство.

На Вашингтонскиот самит беше исполнето ветувањето дадено пред две години во Мадрид, (јули 1997) кога, Алијансата им понуди на Чешка, Унгарија и на Полска да отпочнат преговори за прием и вети дека вратата ќе остане отворена и за другите земји. Поздравувајќи ги трите нови членки на нивниот прв Самит, Чешка, Унгарија и Полска, лидерите на НАТО во април 1999 година подвлекоа дека вратата треба да остане отворена и за други земји. Акциониот план за членство (МАП), кој е практичен израз за „отворената порта”, беше претставен на самитот.

Македонија земја со најмногу МАП

Македонија, откако на самитот на НАТО во Вашингтон во 1999 година доби статус на кандидат, почна со процесот на подотовката на Акциските планови за членство. Македонија е кандидатка која досега на својот пат кон Алијансата изработила најмногу МАП.

Во моментов се работи на 18 МАП, а 17. циклус официјално заврши со состанокот на Република Македонија и Северноатантскиот совет во септември минатата година во Брисел.

Тогаш Владата ги информира сојузниците дека одлучила да почне постепено зголемување во трошењето на одбраната со почетокот од 2018 година, а потоа и во 2019 година, со 0,2 проценти од БДП, за да се дојде до посакуваните два отсто. Земјите-членки би требало да издвојуваат два отсто од БДП за одбраната, нешто кон кое цели и Македонија, но само пет земји-членки го исполнуваат овој критериум.

Во моментов Македонија издвојува 1,01 отсто од БДП за одбраната. Највисоки вредности се забележани во 2006 година 2,01 и во 2007 2,15, но оттогаш процентот опаѓа и лани дојде на ниво од 0,9 отсто.

Во декември минатата година беше презентирана Годишната национална програма за членство во НАТО, со што официјално почна и 18. МАП циклус.

На патот кон НАТО во политичкиот дел за земјата е актуелен статусот на земјата во рамки на МАП процесот, додека во воено-одбранбениот дел актуелен е статусот на Процесот за планирање и анализа во одбраната (ПАРП), осмислен да им се помогне на земјите партнери да ги транформираат системите на одбраната. Македонија уште во 1996 година се вклучи во ПАРП процесот и оттогаш досега се комплетирани речиси 11 ПАРП циклуси, а оваа годинава почнува и 12. циклус.

Владата минатата недела го усвои и Стратешкиот одбранбен преглед, клучен документ во сферата на одбраната, каков што земјата немаше од 2004 година. СОП е завршен во амбициозно поставениот рок од една година и тој практично е целосната реформска агенда на одбраната на РМ.

Првата цел на СОП е создавање модерна и флексибилна армија, која ќе ја гарантира сувереноста, стабилноста и интегритетот на РМ. Предвидено е трансформирање и модернизирање на АРМ, како и подобрување на нејзините оперативни способности. Целите на модернизацијата ќе бидат исполнети во рамки на „Концетот за идните вооружени сили 2028.“

Предвидена е промена на структурата на АРМ, организацијата е дизајнирана со консолидиран број команди и штабови со многу јасни дефинирани нивоа на одговорност – стратешко, оперативно и тактичко, со делегирани одговорности на соодветно ниво наместо досегашната централизација, оптимална големина и целосна пополнетост на единците.

Според претходниот СОП бројката на активниот состав изнесувала 8.200 активен персонал, но таа никогаш не била целосно пополнета. Во моментов од овие систематизирани 8.200 места пополнети се околу 6.600 со војници, подофицери и офицери. Согласно новиот СОП планирано е целосно пополнување на воените сили со околу 6.800 припадници, што значи сегашниот број нема да се намалува, туку во иднина ќе се зголеми за околу 200.

Ќе се реорганизира и МО и ќе се обезбеди подобро раководење и менаџирање со овие состојби.

Преку ПАРП процесите зголемена е и интероперативноста на АРМ, а во контекст на тоа РМ има декларирано и свои капацитети и способности за придонес во меѓународните операции на Алијансата.

Македонија од 2002 година почна да учествува во меѓународни мировни мисии, во Авганистан во 2002 година, Ирак во 2003 година, во мисијата на ЕУ во Босна и Херцеговина во 2006 година и мисијата на ОН во Либан. Македонија во моментов учествува со персонал од над 40 лица во мисијата Одлучна поддршка на НАТО во Авганистан, како и со три лица во мисијата АЛТЕА во БиХ и едно лице во УНИФИЛ во Либан.

Од регионален аспект им дава целосна логистичка поддршка на силите на КФОР на Косово преку Координативниот центар за поддршка на КФОР во Скопје.

Од 2002 година повеќе 3.800 лица ротирале во мировните мисии во кои учествувале македонските сили.

Букурешт 2008 – Брисел 2018

Македонија досега најблиску до влезот во Алијансата беше на самитот во Букурешт во 2008 година. Тогаш беше повеќе од извесно дека земјата ќе добие покана за членство.

Позитивните и оптимистички реакции доаѓаа од сите страни, а Македонија беше оценета дека е целосно подготвена да ја добие поканата. Меѓутоа во последен миг Грција го употреби правото на вето и го услови влезот на Македонија со решавање на спорот за името и оттогаш десет години, иако земјата работеше на реформите и исполнување на критерумите за влез во Алијансата, немаше напредок и процесот беше условуван со решавање на спорот за името.

А во процесот на прием на нови членки треба да се земе предвид и политичкиот контекст, односно калкулациите на останатите 29 земји-членки. Тоа е пред се поради консензуалниот принцип на одлучување во Алијансата.

Што е сменето од 2008 до 2018 година? Експертите сметаат дека е сменета геополитичката клима во светски рамки, но секако и внатрешниот амбиент во земјава, по смената на власта и секако отстранета е последната препрека, која беше посочувана за земјава, спорот со Грција за името.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...