Маестрално

Маестралниот ни претседател е на потег. Дали знае дали е жив и здрав неговиот ментор, а потоа и од него предложениот амбасадор во Бразил? Таму е трета година.

857

Светското првенство во фудбал влегува во завршница. Нас (РМ) нѐ нема на најубавите, маестрални фудбалски терени. Можеби под името Северна Македонија ќе имаме повеќе успех, на пример како Северна Ирска. Македонската телевизија направи маестрален потег со директните преноси. Избра маестрални, де факто радиокоментатори, кои на маестрален начин ни ја доловуваат маестралната атмосфера, маестралните тревнати терени, маестралната дисциплина на навивачите, маестрално организирана безбедност, маестрално време кое не успеа да го наруши ниту познатиот ветер од Средоземното Море – маестрал.

Всушност, нашите вдахновени коментатори од италијанската именката маестро, изведоа македонска придавка – маестрално, демек wunderbar илити exelent или на јазикот на домаќинот замечателно. Придaвката маестрално беше замена за сѐ што беше добро направено од гладијаторите на терените, но спрема критериумите на маестралните коментатори. Благодарејќи им ним (нашите коментарори), ние научивме што е офсајд позиција, коjа тие од студиото најдобро можe да ја забележат, се запознавме дека знаменцињата на аглите на теренот се за изведување корнери, даваа непогрешливи прогнози за т.н. екстра тајм, точно знаеја кој играч ќе биде заменет и зошто, така што нашите познати селектори на нашата високорангирана фудбалска репрезентација треба да си заминат и да отстапат места на нашиве коментатори, поради кои најчесто го намалавувме тонот во неможноста да избираме друг канал. Но, ќе издржиме. Ние сме народ со маестрална трпеливост, која не враќа во сегашноста.

Пари за членарина

Но, не се само нашиве спортски коментатори маестрални. Имаме и маестрални политички коментатори и експерти кои маестрално се прилагодуваат кон политичките ветришта, посебно оние што дуваат од Средоземното Море (јужно крило на НАТО) и чии бранови допираат до таму долу Криволачко. Нашите експерти маестрално објаснуваат дека сме ние веќе во НАТО, дека имаме маестрална армија, дека членството ќе ни донесе безбедност, а со тоа и инвестиции, заборавајќи дека и нашиот досегашен статус збогати неколку наши фирми што даваа еколошко-логистичка помош на НАТО платениците во регионот. НАТО ќе ни донесе статусна безбедност, но мораме самите да се погрижиме за домицилната безбедност, која обезбедува и економски просперитет, а со тоа и можност да ја плаќаме членарината во Клубот (најмалку 2 отсто од БДП).

Инаку, за потсетување, не сме познати како солвентни плаќачи на квотите предвидени за членство во меѓународните организации. Нашите маестрални експерти, договорите со Бугарија и со Грција ги оценија како маестрални достигнувања со незаобиколната констатација дека се историски настани. Власта сè уште не може маестрално да се израдува на постигнатиот успех, поради маестралните потези на виртуелниот ни претседател и се почесто празниот парламент. Опозицијата пак маестрално се соголи со својата аргументација и стратегија, во една моја колумна наречена фрлање спасоносни појаси од партискиот брод што тоне, а вицеадмиралот тоа не го забележува. Адмиралот докторира, кршејќи ја изреката од римското право – Quod initio vitiuosum est non potest tractu temporis convalecere, која на членовите на комисијата, а посебно на менторот би требало да им е позната. Одбранет докторат не амнестира.

Маестралните аналитичари, многубројните советници никако да констатираат што ќе се случи ако хипотетички ЕК одлучи утре да почнеме преговори по стандардно приоритетните точки предвидени за прием на нови членки. Дали можеме да истрчиме подготвени на терен со рутинираните европски чиновници. Кога ќе бидат обелоденети тимовите и нивните шефови и кој ќе раководи со преговорите, а уште посуптилно е прашањето, на кое повеќе пати укажував, кој ќе не претставува во гремиумите на НАТО и ЕУ, претседателот или премиерот?

Претседателот на потег

Оваа дилема не е наша ексклузивност. Со такви проблеми беа соочени повеќето држави нови членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Австрија. Аналитичирите забораваат да констатираат колку специјалисти нам ќе ни требаат во администрацијата во Брисел, а колку во Мисијата на РМ. Кој води сметка за нивна едукација? Дали мислат дека тие кадри ќе ги бараме откако ќе не примат во Клубот? Таков проблем имаше Словенија. И макар што сме формално франкофонска држава (не знам зошто) експертите кои ќе бидат вклучени во Брисел не сум сигурен дека знаат француски јазик, кој е доминантен во бриселската администрација.

Забораваме дека нам десетина години новопримените членки на ЕУ ни нудат логистичка помош, односно ни го даваат теркот по кој тие постапувале во преговорите со Европската комисија. Таа нивна подготвеност се книжеше како потврда дека имаме европска перспектива, а не се искористи за конкретно имплементирање, што денес би ни ја олеснило работата.

И конечно доаѓам до кандидатите за наши маестрални амбасадори што одвај чекаат да истрчаат на европските дипломатски терени и својата маестрална едуцираност, харизма, маестралното знаење странски јазици, маестралното домашно воспитување и маестралната љубов кон Указот и Агреманот и со маестралната енергија да ја претставуваат нашата држава во една нова етапа со што маестрално ќе го поправат угледот на не баш маестралната наша дипломатија. Маестралниот ни претседател е на потег. Дали знае дали е жив и здрав неговиот ментор, а потоа и од него предложениот амбасадор во Бразил? Таму е трета година. Покрај непотпишување на ратификувани документи, втор негов се уште непатентиран пронајдок е непотпишување укази за амбасадори или, уште пострашно, именување на маестралните дипломатски тутурутки како најдоброто „Made in Macedonia“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...