Платени чувари на корупцијата

Ако корумпираните антикорупционери не завршат на суд, туку на апанажа (плата без работа) како членовите на Државната изборна комисија, тогаш тоа е „нулта борба“ против корупцијата и максимум толеранција за неодговорното трошење народни пари.

1536

На Антикорупциската комисија првпат да и појде од рака да го сврти вниманието на јавноста за проблемот со корупцијата. Ниту најсериозните укажувања (Прибе: „проблемот со корупцијата заслужува посебен извештај“), ниту непобитниот факт дека сме најкорупмирана земја во Европа, ниту дијагнозата дека таа е рак-рана за државата, ништо од сето тоа не ја вознемири јавноста како извештајот на Управата за јавни приходи. Шокот, се разбира, не дојде по информацијата дека биле наплатувани фиктивни патни трошоци, се јадело на државна сметка, биле пријавувале лажни кирии и слично (сето тоа ни е лански снег), туку по веста дека тоа го правеле антикорупционерите. Токму тие што ги плаќаме за да откриваат и да се борат против такви дејанија. Слично како кога ќе се докаже дека чуварот крадел.

Не дека некој очекувал нешто повеќе од комисија, чиј претседател донирал пари за ВМРО-ДПМНЕ, партија која корупцијата, како главен принцип на владеење цела деценија ја спроведуваше масовно и темелно, ама сепак.

Владата го осуди однесувањето на антикорупционерите и побара тие да си поднесат оставка. Но, ни малку не го подигна оптимизмот и надежта дека нешто битно се сменило: „Владата постојано укажува дека одговорното трошење на буџетските пари треба да биде почитувано и од сите други јавни функционери, како што беше примерот со Државната изборна комисија. Очекуваме дека и членовите на Антикорупциската комисија ќе го следат принципот на нулта толеранција за корупција и ќе покажат одговорност имајќи ги предвид последните случувања и имајќи предвид дека тоа е суштината на нивната работа“.

Ако корумпираните антикорупционери не завршат на суд, туку на апанажа (плата без работа) како членовите на Државната изборна комисија, тогаш тоа е „нулта борба“ против корупцијата и максимум толеранција за неодговорното трошење народни пари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...