Македонскиот премиер Зоран Заев, во интервју за босански „Дневни аваз“ вели дека Македонија може да се надева на членство во Европската унија до 2025 година, откако следната недела ќе биде поканета во НАТО Алијансата, а потоа да ги почне преговорите кои би траеле околу седум години.
Откако неодамна постигна договор за името со Грција, коментира „Дневни аваз“ Заев е потполно свртен кон реформи, а тој пак е политичка ѕвезда која е радо видена во Брисел, Берлин и во Вашингтон.
За критиките за Северна Македонија, дека повлекува консеквенци како губење на националниот идентитет на Македонците, промена на Уставот, валутата, дури и фолклорот, Заев вели дека дебатите и реакциите се резултат на демократскиот амбиент во Македонија во кој секој човек или партија може да ги изнесе своите мислења.
Но, вели останувам посветен до крај, да укажам на фактите дека договорот со Грција го реши најголемиот проблем кој го кочеше нашиот развој од самата неависност (27 години). А тоа е уште еден проблем помалку на Балканот.
По историската промена во Македонија, прашува „Аваз“, при што на сите граѓани им се дава граѓанско и национално право, а знаејќи колку (дејтонска) БиХ се уште заостанува во примена на тие можности, сакате ли да го коментирате овој модел на коегзистенција?
– Сите ние имаме некоја национална припадност. Јас сум Македонец, во Босна има Бошњаци, Срби, Хрвати. Но, треба да бидеме и Европејци. Ако веќе тежиме кон Европа, треба нешто и да дадеме. Исто така мојата Македонија има многу да и даде на Европа. БиХ има многу да и даде на Европа. Таа е ризница на историјата и културата. Исто така и мојата Македонија. Во неа македонската, албанската, српската, турската, ромската, влашката, бошњачката култура, е културно историско наследство на што сме горди. Ако гледаме низ призмата на убавината на различноста, тоа се темелите на Европа, и тогаш сме подготвени за бидеме дел од Европа. Ако сме заглавени во сопствените национализми, тогаш сами себе се лажеме дека сакаме да станеме дел од големото европско семејство – вели Заев.