Заев – Кечијанг: Соработка на проекти за инфраструктурен и економски развој

212

Сакаме да ги отвориме перспективите за продлабочување на економската соработка со Народна Република Кина и да соработуваме на проекти кои ќе придонесат за инфраструктурен и економски развој на земјата, истакна премиерот Заев кој рече дека е многу значајна поддршката што кинеската влада ја пружа во напорите за забрзување на изградбата на двата автопати, Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип.

Заев со владината делегација што ја предводеше, оствари средба со претседателот на Владата на Народна Република Кина, Ли Кечијанг и кинеската владина делегација на маргините на Седмиот Самит на шефови на влади од процесот за соработка на Народна Република Кина со земјите од Централна и Источна Европа (16+1).

Премиерот Заев информираше дека процесот за воспоставување на безвизен режим меѓу двете земји е во завршна фаза и во тој дух посочи дека очекува да се зголеми движењето и комуникацијата помеѓу граѓаните на двете земји што ќе резултира со развој на туризмот, поголема културна соработка, поврзување и воспоставување на поблиски релации.

На средбата кинескиот премиер Кечијанг изрази силна поддршка за чекорите што македонската влада ги прави во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните и политиките за забрзување на економскиот раст.

Кинескиот премиер Кечијанг порача дека НР Кина ќе продолжи и понатаму да ја поддржува Република Македонија и истакна дека зголемувањето на соработката е многу важно бидејќи дека двете земји се насочени кон економски развој кој треба да придонесе кон подобрување на животниот стандард на граѓаните.

На крајот од средбата премиерот Заев порача дека Република Македонија останува голем пријател на НР Кина и изрази силно уверување дека билатералните односи меѓу двете пријателски земји ќе се унапредуваат и развиваат во позитивна насока.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...