Македонската опозиција, така ќе се нарекува и после прифаќање на Договорот, од потпишување на Договорот со Грција наваму се однесува не само деструктивно туку и забегано по прашање на Договорот. Читам опозицијата ДПМНЕ поднела кривична пријава против премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров, претседателот на Собранието Талат Џафери и пратениците кои дадоа поддршка на Договорот за решавање на името со Грција. Тоа да ти било велепредавство, загрозување на независноста на државата, здружување заради непријателска дејност и злоупотреба на службената должност и овластувања! Овие се ептен забегани, друг коментар немам…
Го слушав интервјуто со лидерот на ДПМНЕ Мицкоски на Телма вечерта на 5 јули, покрај другото тој објаснуваше дека нивната партија била за влез во НАТО и ЕУ и за време на нивното владеење Македонија добивала позитивни препораки што било нивна заслуга. На прашањето од новинарката до Мицкоски како мислите да ја внесете земјата во НАТО и ЕУ ако Договорот не се реализира, тој ќе одговори дека со содржината на овој договор ние треба да живееме, во договорот не можам да најдам ниту една карактеристика што е позитивна… кај другите словенски јазици немало фуснота… процесот се водел пазарџиски, не со сериозна екипа… На потсетување да одговори на прашањето, тој одговара кога ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на предвремени парламентарни избори ќе одговориле со дела! На прашањето дали ќе го подржат референдумот, тој во негов стил ќе одговори – ќе видиме дали сме за референдум, зависи како ќе се одвива процесот… не знаеме ниту дали сигурно ќе има референдум… зависи од тоа како ќе биде поставено прашањето… околностите брзо се менуваат да почекаме па ќе ги влечеме нашите потези и ќе ги информираме граѓаните…
Да не должиме, на ниту едно прашање Мицкоски не даде јасен одговор, одговараше конфузно па не можеше да се разбере неговата мисла. Ова ме потсети на еден случај во Кочани, кога еден инспектор по име Перо му дал некаков извештај на директорот на Службата, па откако овој го прочитал му рекол – Перо, извештајот ти е многу конфузен. На тоа Перо одговорил – Директоре, се трудев да бидам што поконфузен, мислејќи дека добил пофалба за извештајот! Така и лидерот на македонската опозиција во секој телевизиски интервју, ги има многу, секогаш се труди да биде што поконфузен!
Да претпоставиме една хипотетична состојба. Еве да земеме дека во 2019 година на предвремените парламентарни избори победи партијата ДПМНЕ а во Грција каде во исто време ќе има парламентарни избори победи сегашната нивна опозиција Нова демократија на Мицотакис. Се поставува првото прашање со кого ДПМНЕ ќе формира влада, поконкретно со која албанска партија ќе формира коалиција за да формира влада? Доколку првата препрека ја реши, се поставува второто круцијално прашање како идниот премиер Христијан Мицкоски ќе ја реализира нивната стратешка цел членство во НАТО и ЕУ за кое мора да преговара за името со Грција со неговиот „имењак„ Мицотакис. Ако се има предвид дека грчкиот Мицотакис не се согласува во новото име да се содржи зборот „Македонија„ останува предмет на договорот меѓу нашиот Мицкоски и грчкиот Мицотакис да биде името „Централна Балканска Република„ или „Пеонија„ со националност „централно балкански„ или „пеонци„! Што мислите, дали ваквите идни решенија за името се подобри од сегашните? Како и што рече сегашниот лидер на опозицијата Мицкоски кога тие ќе дошле на власт, играме со хипотетичен пример, со дела тоа ќе го покажале, но не кажа како.
Всушност, конфузниот лидер на опозицијата Мицкоски само декларативно е за членство на Македонија во НАТО и ЕУ за да не му замери меѓународната заедница а во суштина тие се против членство во НАТО и ЕУ а решавање на прашањето за името ќе им биде алиби дека Грција ги спречува за евро атлантските интеграции. Déjà vu (веќе видено)! Среќа за Македонија што спрема сегашниот рејтинг на партијата ДПМНЕ нема да дојде на власт барем исто толку години колку што претходно владееше (11 години) и за тоа време можеме да бидеме мирни од злото за Македонија што се нарекува ДПМНЕ (тие се нарекуваат ВМРО-ДПМНЕ!).
Опозицијата ДПМНЕ најави жешко лето, што подразбира протести на нивните членови и симпатизери каде главниот збор ќе го имаат тврдокорните со нивните разно разни патриотски здруженија, најверојатно под мотото „Македонија ќе победи„. Протестите ќе бидат пратени со урлање и врескање дека името го продал (не знам кој го купил!), дека тие ја бранат Македонија (не знам од кого!), дека името не е за продажба (не знам дека име се продава!), дека Заев е предавник (тие не можат да го смислат него бидејќи тој е попаметен и храбар од сите нив заедно, што би рекол Шешел за Хашкиот трибунал!) и на крајот врескањето на митинзите ќе завршува со слоганот „Македонија ќе победи„ (не знам во што ќе победи!). Целта на протестите спрема раководството на ДПМНЕ е да ги мотивира своите поддржувачи да не успее референдумот и/или се изборат за нови парламентарни избори. Изгледа дека нашиот хипотетичен пример на нив им изгледа за реален!
Однесувањето на опозицијата, партијата ДПМНЕ и нејзиниот лидер Мицкоски со голема веројатност може да се претпостави дека до самиот референдум нема да се изјаснат дали ќе го подржат или ќе го бојкотираат. Тоа е нивна забегана и неодговорна тактика преку Договорот со Грција и неуспешен референдум имаат намера да издејствуваат предвремени парламентарни избори заедно со претседателските во 2019 година да дојдат на власт, играјќи на картата на национализмот исто како и досега. По друга опција, опозицијата ДПМНЕ за нивно учество на референдумот за Договорот сака да се испазари со Владата за амнестија на раководството на партијата од кривичната одговорност за предметите на СЈО што се водат против нив. Тие сега се во фаза да предложат до Собранието Закон за амнестија за осудените од 27 април во замена за деблокирање на постапката за избор на ДИК без што не може да се одржи референдумот. Се’ е математика и ниски страсти и користи. Тие немаат ниту одговорност ниту срам за својот примитивизам и глупости што ги прават постојано. Не знам дали се свесни за тоа што го прават!
Со право СДСМ и премиерот Заев настојува да ја убеди опозицијата да биде конструктивна, да учествува на референдумот за Договорот а нивно е право како ќе гласат. Доколку опозицијата би била разумна, а таа не е, во таков случај тие можат, спрема нивните сфаќања, да им објаснуваат на своите гласачи за штетноста на Договорот со Грција, да ги повикаат да излезат на референдум и да гласат против Договорот. Тоа е нивно право. Но не е добро опозицијата во последен момент да ги повика своите гласачи да го бојкотираат референдумот и со тоа, доколку не се промени цензусот за излезноста на гласачите, да го минираат референдумот тој да не успее. Однесувањето на ДПМНЕ е крајно неодговорно и не фер спрема македонскиот народ, оној поголем дел, за да може слободно да се изјасни на референдумот со нарушување на цензусот преку негово бојкотирање во последен момент. Тие на тоа целат и затоа тоа по секоја цена треба да се спречи преку намалување на цензусот на место 50% на 40% од бројот на гласачите како би се неутрализирал бојкотот на референдумот од нивна страна.
Спас, има ли спас од ваквата ситуација? Како да им се доскочи на ваква забегана опозиција? Секогаш го ценам правилото дека паметните луѓе наоѓаат подобри решенија од глупавите. Убедувањето и повикување на опозицијата да се вразуми и биде конструктивна нема да помогне, едноставно нивниот ментален склоп тоа не може да „го свари„. Мислам дека треба да им се стави јасно до знаење дека нема да има никаква амнестија за раководството на ДПМНЕ против кои се водат судски постапки по обвинувањата од СЈО, како и за „тепачите„ од 27 април. Во меѓувреме да се забрзаат судските процеси и паднат судски пресуди по предметите за изборите („Титаник„), кинеските провизии и оштетување на буџетот за 155 милиони евра и другите предмети кои се водат против обвинетите покренати од СЈО; да има брза судска разрешница. На забегана опозиција само конкретни судски пресуди за нивното претходно раководство може силно да ги „удри по глава„ и отрезни од нивната забеганост и врати во нормала. Сегашното раководство на ДПМНЕ треба да сфати дека секој што работи на штета на државата и народот треба да одговара за велепредавство што претставува тешко кривично дело а тие токму тоа го прават со нивното неодговорно и злосторничко однесување кон Договорот и референдумот, вклучувајќи го и претседателот Иванов со не потпишување на Указот за ратификација на Договорот. Верувам дека Заев има план како да излезе на крај со нашата забегана опозиција, кога веќе успеа со пенкало да сруши режим!
Тешко на државата и народот со забегана опозиција, конфузен лидер и неук народ подлежен на манипулација што деструктивната партија ДПМНЕ систематски ја спроведува…