Бежир Асани, претседател на партискиот огранок на ДУИ во Чаир во оставка, по инцидентот кај „Мавровка“ бил повикан во Полициската станица Бит Пазар, по што полицијата изготвила записник за прекршување на јавниот ред и мир, соопшти МВР.
Како што соопшти МВР, инцидентот се случил околу 10 часот на крстосниците на булевар „Гоце Делчев” и улица „Филип Втори” во Скопје, при кревање на патничко моторно возило „Ланд ровер” со скопски регистарски ознаки со специјално возило „пајак”, кога од страна на Б.А. вербално е нападната полициска службеничка, која била на местото на настанот.
– Бидејќи Б.А. агресивно се однесувал кон полициската службеничка, биле повикани и други полициски службеници на местото на настанот. Со Б.А. е извршен разговор во полициската станица Бит Пазар и изготвен записник за констатиран прекршок по чл. 13 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир – наведуваат од МВР.