Договорот со Грција главна тема неделава, властите во двете земји оптимисти

Коментирајќи ги истражувањата на јавното мислење во Грција во однос на постигнатото решение меѓу Македонија и Грција, Ѕанакопулос истакнува дека Договорот со ПЈРМ на следните избори ќе има позитивен ефект во поддршката на актуелната грчка Влада. 

79

Договорот за решавање на долгогодишниот спор за името доминираше и оваа недела кај нас и во Грција. Македонскиот премиер Зоран Заев е убеден дека референдумот во Македонија ќе успее. Тој во интервјуто за грчката државна телевизија ЕРТ најави дека тој ќе се одржи на 23 септември, 30 септември или 7 октомври, и оти целта е до 15 јануари да се завршат сите предвидени обврски.

Заев објаснува дека референдумот ќе има обврзувачки карактер, ќе биде прифатен од сите, па дури и од претседателот Иванов.

– Со успешниот референдум јас сум убеден дека сите во Парламентот ќе го послушаат народот што кажува на референдум и така ќе гласаат. Тоа денеска го добиваме како порака дури и од претседателот на државата, господинот Ѓорге Иванов дека ако референдумот е успешен, секако и тој ќе ги поддржи и Договорот со Грција и сето она што е следна фаза, а и опозицијата, исто така. Секако има различни ставови, тоа е демократијата, но после референдумот кај нас се уставните промени, па очекуваме грчкиот Парламент да го ратификува договорот кој што го направивме двете земји, а после тоа да продолжи и ратификацијата на протоколот за членството во НАТО – вели македонскиот премиер.

Од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов вчера ги демантираа тврдењата на премиерот Зоран Заев дадени во интервјуто за грчката телевизија ЕРТ дека шефот на државата ќе го поддржи Договорот со Грција.

– Премиерот Заев со своите променливи, контрадикторни и конфузни ставови продолжува да ја лаже и манипулира не само македонската, туку и грчката и меѓународната јавност. Членството на Република Македонија во Европската унија и НАТО, не смеат да се злоупотребуваат за прифаќање на штетен Договор со несогледливи последици по македонската држава и македонскиот народ. Македонскиот претседател не прифаќа Договор на штета на македонскиот национален идентитет и на штета на интересите на Република Македонија – се наведува во соопштението од Кабинетот на Иванов.

Американскиот потпретседател Mајк Пенс во телефонски разговор со македонскиот премиер Зоран Заев му го честитал историскиот договор со Грција за решавање на долгогодишниот спор за името и понудил американска поддршка за Договорот и за негова успешна импелементација, соопшти Белата куќа.

Тој ја поздравил позитивната одлука на Европскиот совет за отворање на патот кон преговори за пристапување во Унијата во јуни 2019 година и ја потврди поддршката на САД за членство на Македонија во НАТО и ЕУ.

Во соопштението се наведува дека Пенс го пофалил премиерот Заев за лидерството, храброста и неговата посветеност кон мирот и стабилноста во регионот, нудејќи ја поддршката на САД за успешна имплементација на договорот за името.

Пенс освен со Заев, телефонски разговарал и со грчкиот премиер Алексис Ципрас за постигнатиот договор, при што ја истакнал важноста што ја има овој договор за стабилноста и заедничкиот развој на Балканот.

Портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос во интервју за грчкото радио „247“ во врска со ставот на македонскиот премиер дека на средината на јануари Македонија ќе ги заврши обврските, изразува надеж дека сe ќе заврши успешно.

– Јас не сум во позиција да знам кога ќе заврши процесот. Ако господинот Заев вели дека ќе се заврши на 15 јануари, немам никаква причина да го оспорам. Напротив, посакувам, целиот процес, така како што е предвиден да има позитивен исход и за него, но и за договорот и за односите на двете земји – вели Ѕанакопулос и повторува дека откако нашата земја ќе заврши со обврските на ред ќе биде грчкиот Парламент да го ратификува Договорот.

Ѕанакопулос изразува убеденост дека ратификацијата во Атина, ќе помине без проблеми.

– Мислам дека во овој момент е формирано мнозинство, кое, како грчка Влада имаме цел да го прошириме колку е можно повеќе. Јас сум длабоко убеден дека постојат политичари, постојат пратеници во грчкиот Парламент, кои одговорно ќе заземат став, независно од партиската поставеност и ќе бидат позитивни во однос на ратификацијата на Договорот. Сепак, мислам дека во никој случај целиот процес нема да влијае на било кој начин на текот на владата – коментира Ѕанакопулос во интервјуто за грчкото радио, пренесе МИА.

Коментирајќи ги истражувањата на јавното мислење во Грција во однос на постигнатото решение меѓу Македонија и Грција, Ѕанакопулос истакнува дека Договорот со ПЈРМ на следните избори ќе има позитивен ефект во поддршката на актуелната грчка Влада.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...