Депонијата на згура од Топилницата и понатаму претставува еколошка бомба за Велес и неговата околина. Кога сите веруваа дека по Топилницата и проблемот со депонијата е решен, тој и понатаму остана со сета сериозност да им се заканува на велешани.
Компанијата „Екоцентар 97“ од Скопје, пред повеќе години го доби тендерот, што го распиша Министерството за животна средина, за отстранување на згурата. Плати и 1,3 милиони евра пари. Така им рекоа на велешани, а тие здивнаа. Рекоа: Имало правда!Но, од сето тоа не „излезе“ ништо. Дојдоа предвремени избори. „Екоцентар“, дали во договор со Министерството, за тогашната владеачка партија да добие повеќе гласови од Велес, или нешто „згреши“ во рачунот дека од продажбата на згурата ќе заработи големи пари, па „потајно“, и по толку години, не презеде ништо. Депонијата, како темпирана бомба, и понатаму му се заканува на Велес.
А ридот на згура не е мал. Се наоѓа на помалку од двеста метри од Топилницата, а од првите куќи на Велес е оддалечен на триста до 400 метри. И во овој „рид“, ни помалку ни повеќе се наоѓаат 1,7 милиони тони згура и повеќе тони олово, цинк, кадмиум и други отровни метали. При секој ветер, па и помал, облаци, од овој отров, го покриваат Велес. Жителите, посебно од новиот дел на градот, „пена“ на устите им излезе од секојдневните реакции и молби конечно да се „спасат“ од ова зло. Дали сето тоа беше само маркетинг или не само Господ знае. Факт е дека згурата со стотината тони олово, цинк, кадмиум, жива и други отрови, не се мрднати.
Грешките што ги направија некои „големци“ и „недопирливи“, кога ја изградија Топилницата, не на друго место туку, во градот и депонијата на само стотина метри, ги платија голем број жители на Велес и поблиската околина. Јавна тајна е дека пред да почне да работи Топилницата, според проектот, депонијата требало да биде на десетина километри подалеку од Велес, но истите оние што дадоа „виза“ Топилницата да биде тука, дозволија депонијата да биде до „велешкиот убиец“.
Колку животи однесе Топилницата никоj не знае, затоа што и никоj не испитувал колку велешани го напуштија овој свет од отровите на Топилницата. На градските гробишта, како никогаш пред Топилницата, не беа поgребувани толку луѓе. Дали случајно или пак сето тоа било дело на отровите од оловото, кадмиумот, живата, ќе остане тајна или само велешани ќе ја знаат? Последиците и денес не се искоренети и од Топилницата, чии што отрови се во сите пори, и од Депонијата, која и понатаму му се заканува на Велес.
Тогашното Министерство, „наводно“, си ја „завршило“ работата. Ја продалo депонијата, а тогашната владеачка партија, на изборите, повторно победи. „И волкот сит и овците на број!?“, што ќе рече народот, но, не и жителите на Велес. Тие останува да живеат со dепонијата и да молат: Ќе се најде ли јунак над јунаците, да ја тргне оваа „бомба“ која секојдневно им се заканува со смрт?.