Шекеринска: Криволак како добра понуда за НАТО

429

Очекуваме дека со членството во НАТО ќе се зголеми потенцијалот на Криволак и Македонија. Тоа ќе биде добро за имиџот на Македонија, за економијата на земјата, но и за економијата на регионот.

Ова го истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска на воениот полигон „Криволак“, каде свечено беше затворен меѓународниот „Летен кампус 2018“, на кој учествуваа 11 држави, одговарајќи на новинарско прашање дали по поканата повеќе ќе се користи полигонот од НАТО сојузниците.

– Полигонот Криволак е еден од капацитетите кои Македонија ги има да ги понуди и на НАТО алијансата и на нашите партнери. И досега сме изведувале заеднички вежби со неколку земји од регионот и со неколку земји со кои имаме партнерства. Меѓутоа нашето членство во НАТО ќе стави поголем акцент и на оваа можност. Ова ќе ни ја даде шансата да ја претставиме Македонија како земја која не бара, туку и земја која што има што да понуди. И уште оваа година, ќе имате прилика и во текот на јули месец да видите дека еден дел од специјалните сили на Америка ќе водат заеднички вежби, тука на Криволак. Очекуваме во текот на оваа година, ова лето да имаме дополнителни американски војници кои се присутни во регионот, да вежбаат заедно со македонските војници – нагласи Шекеринска.

Таа потсети дека Македонија работеше и работи да ги исполни сите критериуми, да ги исполни сите стандарди.

– И ова што денеска го видовте е само еден од тие примери. Дека македонската Армија, дека Воената академија и Министерството за одбрана навистина прават се да обучат модерна армија, армија која ќе биде членка на НАТО алијансата, да ги обучат новите генерации питомци и идни офицери, кои практично целата своја кариера ќе ја развиваат во рамките на НАТО сојузот – рече министерката.

Денеска, додаде, ова беше пример и на тоа колку Македонија работи на подобрување на своите контакти и својата соработка со сите соседи.

– Овде беа присутни питомци и инструктори од 11 земји од регионот и некои од нашите стратешки партнери. Покажавме дека знаеме да соработуваме не само како партнер, туку како и членка на НАТО алијансата. Летниот кампус кој што веќе создаде традиција е исто така и дел од т.н паметна одбрана. Тоа значи дека Македонија има капацитет кој што го нуди на земјите во регионот, на нашите партнери и сојузници, капацитет со кој навистина можеме да бидеме задоволни. Денеска пред нас беа околу 120 млади луѓе, воглавно од регионот кои покажаа дека можат да соработуваат, дека тоа можат да го прават во тешки ситуации и дека тоа можат да го прават и во критични ситуации кога заедно сме појаки – изјави Шекеринска за медиумите.

Нагласи дека тоа е мотото не само на НАТО, тоа е мотото и на желбата на Македонија да стане член на најмоќната воено политичка алијанса во светот.

Во рамки на церемонијата, се одржа и тактичка вежба „Сеопфатен пристап кон мировните операции“.

Меѓународниот проект „Летен кампус 2018“ има за цел да ја доближи до младите питомци и идни мировници комплексноста на идните предизвици во постконфликтните операции. Се одржуваше во периодот од 26 јуни до денеска, во Центарот за обука „Пепелиште“ и армискиот полигон „Криволак“ и вклучува повеќе од 120 учесници од 11 држави, питомци од Австрија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Германија, Романија, САД, Косово, Хрватска, Црна Гора и Република Македонија како домаќин.

Во денешната вежба беше претставена постконфликтна состојба и акции за зачувување на мирот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...