Беќир Асани, функционер од ДУИ, утрово нападнал полицајка кај трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје додека возилото му го кревал „пајак“.
Случајот го потврдија и од партијата и од скопската полиција, а се најде и во дневните билтени на Министерството за внатрешни работи.
„Денеска околу 10 часот на крстосниците на булевар Гоце Делчев и улица Филип Втори во Скопје, при подигање на патничко моторно возило “ланд ровер” со скопски регистарски ознаки со специјално возило „пајак”, од страна на Б.А. вербално е нападната полициска службеничка, која била на местото на настанот. Бидејќи Б.А. агресивно се однесувал кон полициската службеничка, биле повикани и други полициски службеници на местото на настанот. Се работи на целосно расчистување на случајот“, соопштија од полицијата.
Минувачи велат дека присутните не им дозволиле да се доближат и застанат кај местото на инцидентот велејќи им дека „не е ништо страшно, само мала расправија“. Сведочењата на очевидци одат и дотаму дека кога дошла пајак службата, функционерот на партијата се обидел да ги спречи вработените и со боксови.
Од ДУИ за Плусинфо го потврдија инцидентот, но велат дека дошло само до вербален инцидент меѓу Асани и полицајката. Тој се изнервирал бидејќи полицајката инсистирала дека возилото му е непрописно паркирано, на што тој и возвратил со неколку пцовки.
Беќир Асани од основањето на партијата до денес е потпретседател на еден од најмоќните органоци на ДУИ – чаирскиот. Во моментов тој е потпретседател во оставка бидејќи ДУИ се подготвува за партискиот конгрес кој треба да се одржи во јуни.
Не е првпат неговото име да се споменува за некој вербални инциденти.