Слепци преку мостот „Око“

Пак да прашам - зошто мене никој не ми бара да вратам половина милион евра? Шуга немам. Или не си ист, ако си со образ чист!

533

Зошто јас не ѝ враќам на државата половина милион евра, како некои други. Да речеме, како Тодоровиќ.

Навистина се чувствувам како онеправдан, потценет, омаловажен. Па и јас сум граѓанин на оваа земја. Од мене, ама баш ништо не се бара да е крупно, значајно, за да мора да има и гласност. И телевизиите да брујат, и весници да пишуваат и граѓаните да читаат.

Имаме, значи, привилегирани – тие се некој вид донатори – отвораат портмоне и на гувернерот како од шега му врачуваат половина милион евра.

Ги фрлаат како на кафеански шанк – напојница за барменот или за келнерот, во знак на благодарност за добрата услуга.

Тука нема криминал. Тоа е напојница по спогодба.

А како се нашле тие пари кај таа господа. Мора некој да им ги подметнал во сон!

Луѓето правеле мост. И не било каков, туку наречен мост – „Око“. И тоа на Вардар, каков што нема ниту Сена, ниту Дон, ниту Жолтата река во Кина.

Според Куранот, оној што ќе направи мост или чешма, и без да оди во Мека, станува аџија.

Овие, направиле мост, нам дебела чалма ни врзаа, а тие, што не е фер, аџии не станаa.

Додуша од таквите чалми нас уште долги децении главата ќе нѐ боли. Добро ќе биде ако, сепак, ја додржиме на рамениците.

Мала сатисфакција на таа фина донаторска господа нека им биде фактот што од финансиски аспект гледано, успеаја со сизифовски труд сами да се востоличат како калифи.

Мала, речиси незнатна била вината во тоа што мостот, бил со око, ама ќораво, па мислеле нема слепците да видат колкав бил профитот од нивната домаќинска штедливост.

Ај, ако им стиска, нека ми речат мене, или вам, драги мои, како ним, на чиста совест – врати половина милион евра!

Побрзо вулканот Етна ќе се пресели кај крстот на Водно, отколку што јас ќе успеам пелтечејќи да го изговорам споменатиот износ на „донацијата“ за нацијата.
Немаат сурат тоа да го сторат.

На таквите како мене, навистина ништо не им се бара, туку без многу церемонија – сѐ по список им се зема. Како брат на брата и секогаш – со камата!

Неизвесно е дали ќе им биде поставено на мостот спомен обележје, како траjнa благораност за нивното добродетелско дело?!

Пак да прашам – зошто мене никој не ми бара да вратам половина милион евра? Шуга немам. Или не си ист, ако си со образ чист!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...