Клубот (А Club)

Основно е што амбасадорите во принцип не ја познаваат професионално својата работа и не можат дури ни по осум години мандат да сфатат што, всушност, била нивната функција.

478

Дипломатското цунами заврши. Целиот товар на внатрешен план го поднесе, пред сè, протоколарно, министерот за надворешни работи Н. Димитров. Меѓународниот фактор (САД) даде базичен нацрт или, по нашински, терк на Договорот. Институцијата МНР беше само театарска кулиса за средбите со главните актери во решавањето на долгогодишното недоразбирање околу новата, сепак неизбежна, крштевка.

Постигнатиот бенефит по потпишувањето на Договорот со Грција ги надминува евентуалните недостатоци од Договорот. Идентитетските прашања се прашања за иднината. Ние по овој Договор добиваме шанса за нов идентитет. Европски. Треба да го заслужиме. Идентитетската ДНК ни оди во прилог, секако, но не треба да ја злоупотребуваме. Дваесет и двајца римски императори се родени на територијата на денешна осакатена Србија. Тука (идентитет) дипломатијата, посебно нашава, е немоќна. Опасноста е внатре. Затоа претстои долго топло лето, пред сè на политички (племенски) план.

Последна желба

Во поддршката на новиот курс на Владата и секако на видливите резултати, посебно се истакнува еден Клуб. А клубови има разни. Во едни членарината е обврзувачка во други воопшто ја нема. Овој за кој пишувам е во групата на вторите. Тој клуб е Дипломатскиот клуб во Скопје, неформално тело игнорирано од претходниот владин состав(цитат од соопштението на Владата по повод средбата со челниците на ДК со премиерот, некаде кон крајот на јануари). Составот на ДК е крајно нелогичен. Го сочинуваат пензионирани дипломати, главно истрошени амбасадори со непензионирани амбиции, активни дипломати блиску до пензионирање со уште поголеми амбиции (на двете групи активни дипломати не им е место во ДК). Во ДК асистира перманентно и претседателот на дипломатскиот синдикат, со што се зголемува какофонијата на членовите. Инаку, ДК е бездомник. Користи еден локал со бенефицирани цени за пијалаци, а во последно време имаат право да одржуваат средби и во салата во МНР.

Содржината на дејностите на Клубот е различна и често е вон вообичаените активности на слични еснафски клубови во светот. Најатрактивна дејност е тенискиот (бадминтон) турнир на дипломатите и бизнисмените (добитна комбинација). Со голо око може да се препознаат супстиционалните активности на ДК, почнувајќи од грижата за состојбите во МНР, па до сопствена грижа, посебно на најекспонираните членови на Клубот. Толку за активностите за искусните активните и поранешните дипломати. Сега за нивната последно изразена грижа. А тоа, неверојатно, но вистинито, била грижа за кадрите и тоа највисоките, т.н. амбасадори.

Модата и професијата

Во последното соопштение ДК остро реагира на рамнодушноста на валандовскиот претседател Иванов да потпише укази за амбасадори, а нив ги имало, машала, многу кои чекаат на вообичаената церемонија на предавање акредитиви, фотки кои засекогаш ќе ги красат, прво нивните кабинети, а потоа и дневните соби дома, на посебно место на камините или во специјалната витрина во која, како во фотографски дуќан, се наредени фемили-фотки со разни претседатели и високодостоинственици, плус неизбежниот Папа.

Раководството на ДК е загрижено за несериозноста на претседателот Иванов, со која е загрозена работата на нашата дипломатија, а со тоа се обезглавени дузина членови на ДК, посебно оние од раководството. Никаде во светот дипломатските еснафски клубови не се мешаат на овој начин во работата на владата, а посебно на претседателот. Тоа е вон нивната класична дејност. Тој клуб не може да биде супститут или коректор на работата на владата, на премиерот или на МНР. Врската на дипломатските клубови со МНР треба да е крајно патерналистичка. МНР, како институција, треба да го прими ДК во своите пазуви како волумен на дипломатско искуство, кое може да се искористи, но не со јавни соопштенија, кои понекогаш наликуваат на партиски или на соопштенија на невладини организации.

ДК не може да влијае врз кохабитацијата на Владата и претседателот околу именување амбасадори, колку и да е ставот на претседателот одмазднички или колку многу членови на ДК да се заинтересирани да се најдат на листата идни амбасадори. Тие тоа и го заслужуваaт, но начинот на нивната проекција ги надминува компетенциите на клубот до ниво невкус.

Сега малку повеќе за амбасадорите за кои ДК е посебно загрижен. Еден од идните сретнав неодамна во една соседна земја, токму во моментот кога на еден сајт го прочитав соопштението на ДК за незгрижените амбасадори. Имаше фризура на Видал, кошула како да е на Хаваи, црвени фишек-панталони и чевли т.н. шимики во жолта боја. Типична амбасадорска одора. Што ако од МНР на државата на приемот итно го повикаат на разговор? Ќе има проблем уште при влезот. И тоа не беше првпат. Ги среќавав во повеќе метрополи така дотерани. Гардеробите на нашите амбасадорки е невкусно да се опишуваат. Заскитале во модата и во професијата.

Лопата за снег

Основно е што амбасадорите во принцип не ја познаваат професионално својата работа и не можат дури ни по осум години мандат да сфатат што, всушност, била нивната функција. За нив главен адут е дека се продукт на коалициска влада (посебно важно), дека претседателот на државата им потпишал указ и дека само тој може да ги отповика. Тука завршува приказната.

Сè друго не е важно. Еден амбасадор едвај го вратија во државата – му се уарнило, еден трипати во една година предаваше акредитиви во три различни држави, на еден швалерката му го украла службениот лаптоп, еден при одењето дома од една северна земја си ја зеде и лопатата за чистење снег, еден со помош на возачот тргуваше со бензин. Натамошно набројување на овие летни температури би предизвикало повраќање. ДК не реагира на вакви случаи. Тој (Клубот) се грижи за вдомување на новите амбасадори, пред сè, од своите редови. И не само за амбасадорите, па нели и тие имаат фамилии. Грижата е глобална. Грижа за државата, но и за семејството. Што е христијански.

Неформалното тело (ДК) вистина без причина беше игнорирано од претходната влада. Таа процени дека ДК е против власта, односно дека неформалното тело има амбиции на апологет на тогашната опозиција. Дејностите на ДК овозможуваа и такви фантазии. ДК не треба да исчезне и кога пензионираните дипломати ќе сфатат дека не се повеќе употребливи. Секоја година има нови пензионери, па и од дипломатските кругови. Тоа не е ништо страшно. Треба да се привикнуваат. Општеството сепак беше дарежливо. Доживотниот дипломатски пасош, нели, е доволна сатисфакција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...