ПИСМА ОД ЛОНДОН Битка за пасошите

Се очекува во наредните месеци вртоглаво да се искачува интересирањето на Британците за државјанство на некоја од земјите на ЕУ, истата онаа за која гласаа да ја напуштат.  

440

Почна уште пред брегзит. Не само да се бараат информации, туку и навистина да се вадат пасоши на други земји. Британците, прво срамежливо, а потоа се посериозно ги разгледуваат опциите за добивање државјанство на некоја од земјите од Европската Унија. Истата онаа која гласаа да ја напуштат. Со тесно мнозинство, но сепак. Тоа веќе го сторија некои од најгласните поддржувачи на опцијата останување во Унијата, како на пример актерот Колин Фирт, кој е среќен носител на италијански пасош.

А сега веќе почна да зема поголем замав. Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, побара од Белгија да им додели белгиско државјанство на британските државјани кои работат за Европската Унија и кои се загрижени за нивната судбина по брегзит. Според член 49 од правилникот на ЕУ, вработениот „би можело да треба“ да поднесе оставка ако веќе не е член на земја-членка на Унијата. Колку убав јазик, нели? Но ова, би можело да треба ама не мора ќе мора во случај на конфликт на интереси или на меѓународни обврски. Па трката за пасоши почнува…

Од оние 48 отсто што гласаа да останат во Европската Унија, според Еуростат, се најмногу заинтересирани за добивање германски пасоши. Се цитира извесен Пол Бети од Бат, кој задоволен се пофали дека добил германски пасош за само три недели. Сакам да останам европски државјанин, вели Пол, кој немаше проблеми поради статусот на мајка му – еврејска бегалка.

На второ место е Белгија, па Франција, па Ирска и така натаму… во секој случај, интересирањето расте и се очекува во наредните месеци вртоглаво да се искачува. Од лани до сега се зголеми за 158 отсто, според новите податоци на Би-би-си, а ова се должи, вели Џонатан Портис, професор по економија од лондонскиот Кингс колеџ, на брегзит и на тоа што британското државјанство ќе биде многу помалку корисно за работа, живеење и за патување било каде во Европската Унија.

Со ова се согласуваат и политичарите, посебно либералдемократите  чијшто претставник Ед Дејви рече дека брегзитот го прави британскиот пасош „помалку моќен“.

Најочигледниот пат до европски пасош е преку семејни врски. Како Пол Бети од Бат и мајка му еврејска бегалка од Германија. Значи, треба да имате родител или баба или дедо овде-онде низ Европа, или маж или жена од некоја од европските земји, или за да барате државјанство да докажете со жителство меѓу пет или десет години пак таму…

Ах, како се вртат работите… неверојатно, ама вистинито!

Што ме потсети на скорешна дискусија на Фејсбук, кога нашега прашував за белгиски пасош, а некој рече: не ли им текнало на Британците бугарски да земат (патем, ниту еден немаше заинтересиран за бугарски), па реков дека попрво ќе се „упукам во нога“ отколку да земам бугарски пасош – хахаха – а друг духовит ми вели, е па ако 150.000 Македонци што зедоа бугарски пасоши се упукаат во нога, тогаш ќе биде „битка за ранетите“– а јас – ако тргнат преку Ла Манш  да оди музика „преко воде до слободе и падај сило и неправдо“… и тука некаде го завршувам муабетот зашто ме охрабруваат да ја почекам 2025 година кога (можеби) Британците ќе бараат и македонски пасош. Јас ќе бидам во предност и ќе им помагам со совети. Ги знам луѓето…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...