ВМРО – ДПМНЕ ги тужи Заев, Димитров, Џафери и пратениците за велепредавство

404

ВМРО-ДПМНЕ до Јавното Обвинителство за организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против премиерот Зоран Заев, против Никола Димитров, против Талат Џафери, како и против сите пратеници кои што гласаа, како што велат, за  „капитулантски, противуставен и противзаконски договор потпишан со Република Грција“.

„Во кривичната пријава се гонат по четири основи за сторени кривични дела: Велепредавство, согласно член 305 од Кривичниот законик на Република Македонија; Загрозување на независноста, согласно член 308 од Кривичниот законик на Република Македонија; Здружување заради непријателска дејност, согласно член 324 став 1 и 2 од Кривичниот законик на Република Македонија; и Злоупотреба на службената положба и овластување, согласно член 353 став 1,2 и 3 од Кривичниот законик на Република Македонија“, информира ВМРО – ДПМНЕ. 

Сите овие дела, велат во партиското соопштение, кои им се ставаат на товар се поткрепени со соодветни докази кои се приложени во склоп на пријавата.

„Јасно е дека и чинот на договарањето на капитулантскиот договор, и носењето на Законот за ратификација е кршење на повеќе закони, на Уставот и воопшто обид за изигрување на целиот правен систем во Република Македонија, со обид за изигрување на опозицијата, на јавноста и на Претседателот на државата“, вели ВМРО – ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ очекува Јавното Обвинителство и судскиот систем да го надминат стравот, да се одважат пред политичкиот притисок и да постапат согласно законите и професионалниот интегритет, процесуирајќи ја пријавата и да одмерат соодветни казни за сторителите на овие дела.

Партијата потсетува дека вакви дела не застаруваат.

            

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...