Договорот со Грција е апсолутен преседан, рече пратеникот Ферид Мухиќ кој беше воздржан на денешното второ гласање во Собранието за Законот за ратификација на преспанскиот договор.
– Повелбата на ООН и меѓународното право гарантираат право на самоопределување, сега тоа нам ни се ускратува. Тоа мора да се нотира, светот да разбере што му се прави на овој народ и на оваа Влада. Дури, текстот за капитулацијата на Германија и Јапонија по Втората светка војна не опфаќа промена на идентитетот на граѓаните на овие поразени држави. Национално достоинство не може да е предмет на компромис, вели Меркел, па тоа треба и за нас да важи. Нема да гласам против, но ќе бидам воздржан – рече професорот Мухиќ.
Професорот Мухиќ истакна дека Меѓународната заедница постапува спротивно на Повелбата на ООН.
– Кога станува збор за судбоносно прашање за Македонија, во политиката не постои бесплатен ручек. Ни една меѓусебна спогодба никогаш не барала промена на име, ова е апсолутен преседан. Спогодбата е потпишана, но моја цел е да обрнам внимание на светската јавност. Меѓународната заедница постапува спротивно на Повелбата на ООН. Не смее никој да се меша во внатрешните работи на друга држава, ова е забрането. Флагрантно се крши спогодбата – истакна Мухиќ.
Повелбата на ООН и меѓународното право, додаде професорот, експлицитно потврдуваат дека некои нешта никако не може една држава да ги бара од друга.
– Со оваа спогодба, правото на самoопределување му се ускратува на цел еден народ и на една суверена држава. Со оваа спогодба испаѓа дека сме украле нешто туѓо, сме фатени во кражба и сега му го враќаме тоа на вистинскиот сопственик – рече Мухиќ.