Денес власта преку незаконска процедура, со грубо кршење на правните прописи, сама го носи договорот со Грција кој во својата суштина е противуставен и во спротивност со државните и национални интереси, изјави Игор Јанушев генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека пратеничката група нема да присуствува на гласањето на Законот за ратификација на Договорот со Грција.
– Со тоа што се прибегнува кон груба злоупотреба на прописите, злоупотреба на европското знаменце само за да овој штетен договор се донесе, е јасен показател дека власта, парламентарното мнозинство и премиерот Заев се свесни за неговата штетност и деструктивност, но и покрај тоа сакаат да го донесат овој договор.
Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ нема да биде соучесник во капитулацијата, во кршењето на процедурите, напротив ние жестоко се противиме на сето ова.
ВМРО-ДПМНЕ нема да биде соучесник и се противи на акт со кој се предвидува промена на Уставот со цел промена на уставното име. Акт со кој се определува бришење на зборот Македонија, се задира во суштината на идентитетот и се врши трајно осакатување на државотворните белези на државата и идентитетот на македонскиот народ. Ова не е нешто за што може да се слави. Капитулациите секаде во светот е срамен чин – рече Јанушев.
Тој додаде дека очекуваат овој противуставен акт да не биде потпишан од претседателот на државата бидејќи негова прва должност е заштита на државните интереси и заштита на Уставот на Република Македонија.
– Предупредуваме дека објавувањето на овој договор без потпис на претседателот е кривично дело кое не застарува и за кое се одговара. Таквиот евентуален чин ќе преставува продолжување на грубата пракса на кршење на процедурите и законите се со цел озаканување на нешто што не е законско. Правдата може е спора но треба да се свесни дека за секое кривично дело и кршење н закони ќе се одговара – изјави Јанушев.