Робии од 10,5 до 13,5 години за обидот за убиство на Села

2572

Сите седумима обвинети за обид за убиство на Зијадин Села на крвавиот четврток во Собранието се прогласени за виновни, одлучи судечкиот совет во Кривичниот суд, на чело со судијката Славица Андреевска.

Највисока казна доби Никола Војминоваки од 13 години и 6 месеци, по 13 години добија Александар Јаневски Тошта и Коре Георгиевски, 10 години и 6 месеци затвор добија Оливер Ошавковски, Николче Димитриевски, Андреј Мицов и Коста Делов.

Странките имаат право на жалба до Апелациониот суд по чија одлука пресудата ќе стане и правосилна.

Рочиштето за изрекување на пресудата започна со доцнење од околу 40-тина минути бидејќи полицијата заборавила да го донесе ос куќен притвор еден од обвинетите, Александар Јаневски Тошта.

Оштетениот Села е надвор од Македонија и не дојде во судот да ја слушне пресудата.

Судењето за обидот за убиство на Зијадин Села започна на крајот на јануари 2018 година. Првично беа обвинети десетмина и сите седеа на обвинителна клупа речиси во целиот судски процес. На рочиштето пред странките да ги дадат завршните зборови, а откако обвинителството презентираше дополнителна видео снимка како доказ, обвинителот Дарко Јакимовски го повлече обвинението за еден од обвинетите – Сашо Сенков, посочувајќи дека нема доволно докази да го товари за обид за убиство на лидерот на Алијансата за Албанците.

За двајца од обвинетите, Стојан Павлески и Цео Горгиевски, пак, тој направи преквалификација од обид за убиство во насилство, по што судот ја раздвои постапката за нив. По преквалификацијата, двајцата признаа вина, а судечкиот совет ги осуди на затворски казни од една година и два месеци по Цео Горгиевски и три години по Стојан Павлески.

По ваквиот расплет, на обвинителна клупа за обид за убиство останаа Кире Георгиевски, Оливер Ошавковски, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски и Коста Делов. Јакимовски во завршните зборови побара затворска казна за сите седуммина, а одбраната тврдеше оти во случајот доказите не укажуваат дека постои кривичното дело убиство во обид и побара ослободителни пресуди.

Дел од адвокатите на обвинетите, потенцираа и дека обвинетите ниту се познавале од порано, а уште помалку имале договор за да го убијат Села. Дел од нив ги оспоруваа и вештачењата направени од лекарите при Институтот за судска медицина бидејќи во моментов на правење на вештачењето за состојбата на Села, лиценците им биле истечени. Обвинетите се приклучија на завршните зборови на нивните адвокати, а некои од нив потенцираа и дека точно е оти влегле во Собранието на 27 април, но дека воопшто немале намера или план да го убијат Села и затоа негираа вина за конкретното дело.

Во текот на петмесечниот судски процес пред првостепениот суд се презентираа видео снимки направени од медиумите, како и со мобилни телефони на присутните во законодавниот дом на „крвавиот четврток“. Од нив обвинителството го претставуваше начинот на кој крвнички беше претепан Села, кој во критичните моменти се наоѓаше во прес-салата во Собранието заедно со парламентарното мнозинство каде изјави за медиумите даваа Зоран Заев и Талат Џафери како штотуку избран претседал на Парламентот. Во моментот на упадот во просторијата, како што можеше да се види од снимките, лидерот на Алијансата на Албнците прво се наоѓа во еден од ќошевите заедно со останатите пратеници од каде во еден момент, според обвинителство, намерно е излечен и нападнат. Од прес-центарот потоа Села носен за раце и нозе е префрлен на приземјето каде во холот исто така добива удари по главата и телото. На кратко е евакуиран во просторијата позната како Клуб на пратеници, но поради опасноста дел од сведоците го префрлиле на третиот кат во една од канцелариите. Од таму со полициска придружба и лекарска екипа, маскиран како полицаец преку гаражаните е изнесен и однесен во болница.

Покрај оштетениот Села, во судница можеа да се слушнат и сведочењата на членови на собраниското обезбедување, на новинари, но и на пратеници меѓу кои Александар Кирацовски, Мухамед Зекири, Владимир Ѓорчев. Како сведок се појави и претседателот на Собранието Талат Џафери. Еден од адвокатите на одбраната бараше исказ да даде и премиерот Зоран Заев, но потоа го повлече предлогот бидејќи се измести редоследот по кој тој бараше да се повикуваат сведоците.

Сведочеа и лекари од Институтот за судска медицина кои по направеното вештачење ги образложуваа повредите со кои се здобил Села како нагмечувања на главата, кои, според нив, можеле да имаат смртни последици.

Од обвинителството посочуваа дека седуммината на кои им се судеше не се единствените кои учествувале во нападот врз лидерот на Алијансата на Албанците и најавуваа дека истрагата ќе продолжува и оти можно е во иднина да покренат обвиненија и против нови лица.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...