Демант од Цивил: Бачев измислува!

624

Наводите во соопштението на партијата Единствена Македонија се потполно невистинити и злонамерни. Премиерот Зоран Заев ја прифати поканата да биде еден од говорниците на конференцијата „Македонски перспективи: Како до Европа?“, како и секогаш, без ниедно дополнително прашање, а да не говориме за некакви условувања, се наведува во демантот испратен од Цивил.

„Според агендата, на конференцијата беа поканети говорнички и говорници од Владата, парламентарните политички партии, граѓанското општество и меѓународната заедница. Во вториот дел беа поканети сите други учесници кои ќе го најават своето учество, што е случај и со Јанко Бачев“, се наведува во демантот.

– Точно е дека за време на паузата, Бачев побара збор преку ред и побара да говори повеќе од две минути, иако во општата покана временската рамка за дискусии во вториот дел беше две минути. Јас, како еден од организаторите му реков дека ќе му дадам две минути, а тој нека говори толку време колку што мисли дека му треба да се искаже. За време на паузата, едноставно, исчезна, што ме изненади, но не е прв пат Бачев да се однесува чудно. Можеби токму тој се исплашил, а потоа решил, сепак, да привлекува внимание што не го заслужува – изјави Џабир Дерала од Цивил.

Цивил го повикува Јанко Бачев и неговата партија да го повлечат , како што велат, апсурдното соопштение и да научат малку повеќе за политичката култура и дијалог.

Од Цивил велат дека во духот на отвореноста, Јанко Бачев и неговата партија, без оглед на тоа колку се маргинални и малициозни, ќе бидат поканети на секој нареден настан на организацијата, но дека секогаш ќе реагираат на лаги, клевети и манипулации. Од Цивил ги замолуваат медиумите да ја консултираат и другата страна, особено кога се работи за еднострани информации и соопштенија, лишени од факти.

Со околу 100 учесници и повеќе од десет водечки медиуми Конференцијата „Македонски перспективи: Како до Европа?“ предизвика огромен интерес во јавноста и е прв голем настан кој го означи почетокот на важните процеси за македонските интеграции. На конференцијата говореа премиерот Заев, владиниот советник Дане Талески, четири амбасадори, четири политички партии, осум организации на граѓанското општество и еден претставник на бизнис заедницата.

Конференцијата ја организираа Цивил и МЦМС, како дел од проектот „Слободни медиуми за слободно општество“, поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...