Кирацовски: Седиштето на Правниот факултет да биде во Битола

Кирацовски додаде дека тоа нема да значи дека ќе се укинат кичевскиот и Правниот факултет во Струга.

863

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски денеска од Битола најави дека ќе иницира седиштето на Правниот факултет да биде во Битола наместо во Кичево. Според него со тоа ќе се зголеми атрактивноста на овој факултет од една страна и преку низа на други мерки и активности ќе се овозможи долготрајност и одржливот на истиот, од друга страна.

– Како што знаете, Правниот факултет во Битола претставува дисперзирана испостава на Правниот Факултет во Кичево, со седиште во Кичево. Токму во седиштето имаме негативен тренд на запишување на студенти, од една страна, од друга страна фактите и аргументите укажуваат позитивен тренд на запишување и квалитет на Правниот факултет во Битола. Од друга страна пак, имаме на голем број на институции, Основен и Апелационен суд, Основно и Вишо Јавно Обвинителство, имаме регистрирани 146 адвокати и адвокатски друштва, имаме чинам 7 извршители во Битола и 13 нотари. Имаме голем број на институции, приватни компании, невладини организации коишто дополнително тука во Битола може да претставуваат развој на овој факултет и нормално развој на студентитет и на постдипломците – рече Кирацовски.

Тој најави дека како пратеник ќе поднесе предлог-закон со којшто ќе бара промена и поддршка од колеги пратеници за промена на седиштето на факултетот, наместо да биде во Кичево, да биде во Битола. Кирацовски додаде дека тоа нема да значи дека ќе се укинат кичевскиот и Правниот факултет во Струга.

– Напротив ќе се зголеми квалитетот во истите и студентите од тие факултети ќе можат своите искуства да ги доградуваат тука во Битола каде што всушност ќе биде седиштето. Тоа е за добро на факултетот и за добро на Универзитетот и нормално за студентите, независно од каде доаѓаат-рече Кирацовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...