Сѐ уште не е завршена програмата со конкретните средби на грчкиот премиер за време на состанокот на земјите од Западен Балкан што на 10 јули ќе се одржи во Лондон, вели портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос, во однос на можноста за евентуална средба на Зоран Заев и Алексис Ципрас, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина.
– Станува збор за Берлинскиот процес, процес на соработка на земјите од Западен Балкан со иницијатива на Германија, на кој Грција е поканета да учествува. Конкретни средби и конкретната програма во овој момент не се завршени – рече Ѕанакопулос на денешниот редовен брифинг со новинарите.
Грција оваа година за прв пат ќе учествува на Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес.