Лика оди на работа и распределува рамковни

456

Вицепремиерот Хазби Лика доаѓа на работа и секојдневно ги извршува своите обврски, рече на денешната прес-конференција владиниот портпарол Мухамед Хоџа одговарајќи на новинарско прашање дека вицепремиерот два месеци не се појавил во Влада, бидејќи бил лут на лидерот на дУИ Али Ахмети.

Хоџа појасни дека без проблеми се одвива и постапката за прераспределба на вработените кои не одеа на работа.

Според информациите од Секретаријатот, додаде Хоџа, тие наскоро треба да излезат со податоци колку од нив потпишале договори за распределба во државните институции и колку се во фаза на потпишување. Најави дека се подготвува и втор план за распределба и на втората група од околу 700 вработени.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски, пак, додаде дека оваа Влада ги исполнува обврските и не ги заборава на проблемите.

-Имајте малку повеќе трпение за прераспределбата на административците вработени по Рамковниот договор, бидејќи проблемот е децениски и не е едноставно целиот процес да заврши за еден месец. Се работи за голем број луѓе и повеќе институции кои се вклучени. Ние овој проблем го решаваме и ќе го решиме и тој не е во корелација со тоа кој колку е присутен на работа или не е. Ова е процес зад кој стои Владата и ќе биде завршен до крај – рече Бошњаковски.

Согласно првиот план, чија реализација е во тек, на работни места треба да се распоредат 958 вработени кои не одеа на работа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...