Како што се исплатуваат побарувањата кон доверителите на Фени Индустри, така се губи интересот на компаниите кон кавадаречкиот комбинат. Од листата доверители со исплатување на вкупните побарувања излезе и бугарската компанија Енекод, откако и таа го продаде своето побарување на Еуроникел, подружница на швајцарски ГСОЛ.
До скоро време, пред да им се исплатат побарувањата, Енекод ја брануваше јавноста со изјави за намери да го преземе Фени. Уште пред да се објави стечајот, Енекод се „самопрогласи“ за сопственик на Фени, но кога од трите банки доверители им беше даден услов да се платат платите на вработените, Енекод со писмо ги извести банките дека не се во можност да ја направат исплатата.
На последното Собрание на доверители, Енекод заедно со другата бугарска компанија Минстрој побараа отфрлање на планот за реорганизација, сопирање на стечајот и впаричување на имотот на Фени. Исто така, сопственоста на Енекод е поврзана и со Минстрој, бугарската компанија која спротивно на законот и правните процедури, се уште бара да се запре целиот процес за рестартирање на Фени и да се ликвидира, нешто на што остро се спротивставуваат вработените на Фени, а експертите велат дека ликвидацијата е најлошото што може да му се направи на Фени и сите што зависат од кавадаречкиот комбинат.
Во моментов, најголем инвеститор во Фени Индустри останува ГСОЛ со своето локално претставништво ЕуроНикел кој со отворањето на стечајната постапка ги откупи сите побарувања и стана единствен доверител. Исто така, оваа компанија стана и закупец на комбинатот во периодот додека да се оконча стечајната постапка со цел да се спречи понатамошно напластување на долговите и Фени побрзо да се врати во оперативен, производен модул. ГСОЛ го рестартира производството, ги зголеми платите на вработени и редовно ги исплаќа, ја стекна довербата на претходните компании партнери и го враќа Фени на европските пазари.