Оваа влада има рок на траење до септември 2019, рече грчкиот министер за одбрана и лидер на Независни Грци, Панос Каменос, повторувајќи ја неговата позиција дека нема да дозволи Договорот да помине во грчкиот Парламент со 151 глас. Тој уште еднаш истакна дека за решението со Македонија потребно е зголемено парламентарно мнозинство од 180 пратеници, а во спротивно, зборот ќе го има грчкиот народ.
Каменос во интервју за грчката телевизија „Антена“ изрази убеденост дека Договорот нема да помине кај нас.
– За овој договор да дојде за ратификација во Парламентот треба да се направат доста чекори. Прво избори во Скопје, затоа што треба да се смени претседателот, да си избере нов претседател, потоа референдум, по референдумот да има мнозинство во собранието, што ќе ги изгласа уставите промени, да се направат уставни промени. Ова според мене ќе трае над две години – рече Каменос, додавајќи дека тој лично не верува дека Албанците „ќе прифатат дека се граѓани на една чиста словенска држава“. Како втор аргумент го спомена ставот на претседателот Иванов.
Каменос во интервјуто рече дека владиниот портпарол со вчерашното соопштение од кабинетот на Ципрас ја оставил отворена можноста за зголемено мнозинство.
Во однос на претстојниот Самит на НАТО во Брисел, на кој од грчка страна ќе присуствуваат Каменос, Коѕијас и Ципрас, лидерот на Независни Грци рече дека поканата нема да има никаква тежина.
– Поканата од НАТО за Скопје беше одобрена на самитот во Вашингтон во 1999-та, за време на владата на Симитис. Поканата, што врз основа на договорот ќе се даде по коминике од Столтенберг, како услови ќе ги стави предвидените процедури, односно, избори, референдум и уставни промени. Односно оваа покана нема да има никаква тежина и нема да промени ништо во однос на она што се случи во Букурешт или во 1999 – објасни Каменос.
Запрашан за тоа што ќе направи доколку на Самитот на НАТО на 11 јули биде повикан да ја потпише поканата за членство на Македонија во Северноатлантската алијанса, Каменос рече дека никој нема да биде повикан да потпише нешто, ниту тој, ниту Коѕијас, ниту Ципрас.