Европскиот парламент подготвува нацрт резолуција за Македонија што ќе се разгледува во август, најпрво во комитетот за надворешна политика АФЕТ, а потоа и на пленарна седница, информираше министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој денеска е во работна посета на Европскиот парламент во Стразбур.
Тој посочи дека тајмингот на неговата посета на ЕП е многу важен.
– Прво конечно ги отвараме европските порти. Тука сум да барам поддршка од Европскиот парламент, институција што долги години многу принципиелно стои зад нашите европски аспирации – изјави Димитров.
Министерот посочи дека посетата на ЕП ја користи да оствари средби со лидерствата на сите политички фамилии.
– Моментот е многу важен и ќе барам од нив поддршка и во однос на нивните главни градови и во однос на сестринските партии. Имаме важна историска шанса во регионот, убаво е да влезат да ни помогнат да ја завршиме работата – изјави Димитров, по средбите со Иво Вајгл од АЛДЕ и Арно Данжан од ЕПП.