Заев и Жборгар стиснаа „старт“ за пречистителната станица во Прилеп

Оваа година се очекува со ваков обем на инвестиција во рамки на ИПА 2 да започне реализирање на пречистителните станици во општините Тетово, Битола и Штип.

276

Пречистителна станица за третман на отпадни води, проект финансиран со средства од ИПА и Буџетот на Република Македонија беше пуштен во употреба денеска во Прилеп.

Премиерот Зоран Заев и амбасадорот на ЕУ Семуел Жбогар заедно со министрите и градоначалникот го означија почетокот на работата на најголемата пречистителна станица во Република Македонија од ваков тип со симболично притискање на старт копче.

– Владата на Република Македонија директно соработува со општините во изградба и реализација на вакви капитални проекти. Тие се од огромна важност за подобрување на квалитетот на животната средина и со тоа квалитетот на животот на граѓаните. Определени сме да работиме на проекти што ќе значат примена на модерни технологии во области за третман на отпадните води, но и за преработка и рециклажа на цврстиот отпад што значително ќе придонесе за заштита на животната средина. Со оваа станица, пречистената вода ќе се враќа во градската река, со можност за произведување на биогас од отпадните и канализациони води – рече Заев.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, најави дека околу 120 милиони евра од претпристапната поддршка на ЕУ и буџетска поддршка ќе бидат инвестирани во проекти коишто ќе значат заштита и унапредување на квалитет на животната средина.

– Денес, успешно ќе започне со работа станицата којашто ќе врши третман на отпадна вода за 95.000 жители во градот Прилеп, дополнително кон веќе завршените три пречистителни станици во Струмица, Радовиш и Кичево, коишто ќе опслужуваат вкупно околу 126.000 жители во овие три општини – рече Тевдовски.

Четирите пречистителни станици кои се завршени во последниве четири месеци и двете нови за кои ќе се распише тендер до крајот на годината, ќе обезбедат почиста животна средина за 20 отсто од населението во државава.

– Во наредниот период планирано е да се спроведат проекти од областа на животната средина со вкупна вредност од околу 120 милиони евра, од кои најголем дел или околу 85% се грант средства од Европската унија преку ИПА – рече Тевдовски.

– Оваа година очекуваме со ваков обем на инвестиција во рамки на ИПА 2 да започне реализирање на пречистителните станици во општините Тетово, Битола и Штип, кои ќе се придружат на активностите за пречистителни станици и третман на отпадни води во Кочани, Делчево, Скопје, Кичево, Радовиш, Струмица и Вевчани – рече заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...